Меѓу загинатите се 13 деца кои се наоѓале во семејна куќа во северниот дел на Газа, во градот Џабалија
Триесет лица, меѓу кои 13 деца, загинаа во денешните израелски воздушни напади врз две куќи во Појасот Газа. Цивилната одбрана на Палестина соопшти дека во првиот напад на семејна куќа во северниот дел од Газа, во градот Џабалија загинале најмалку 25 лица, од кои 13 биле деца. Во вториот напад врз куќа во населбата Сабра, во градот Газа, загинале пет лица, додека, пак, неколку се водат за исчезнати под урнатините.
Израелската армија вчера во два одвоедни напади усмрти 13 лица. Во првиот напад врз училиште, кое било претворено во засолниште, во населбата Туфах во источниот дел на Појасот Газа, загинале најмалку шест лица, додека, пак, во друг напад на ИДФ врз шатор со бегалци во градот Кан Јунис, во јужниот дел од окупираната палестинска енклава, загинаа уште седум лица.
Израелската војска не одговори на барањето за коментар во врска со нападите, но израелските власти објавија дека во северниот дел на палестинската енклава вчера пристигнала првата пратка хуманитарна помош, по еднонеделна суспензија на испораките.
COGAT, израелското воено тело одговорно за хуманитарна помош за Појасот Газа, вчера објави дека единаесет камиони со хуманитарни материјали, храна, вода и медицинска опрема стигнале до северниот дел на палестинската енклава, вклучувајќи го и бегалскиот камп Џабалија.
Сепак, експертите на ОН предупредија дека постои голема веројатност наскоро да дојде до глад во северните делови на Појасот Газа.
Палестинското министерство за здравство наведува дека над 43 550 Палестинци загинаа во израелската одмаздничка офанзива во Газа, од кои повеќето цивили.