Освен нивното професионално деградирање, докторите посочуваат дека директорката бара од секој колега, вработен, претставник на фармацевтска фирма, странка, задолжително да го остави мобилниот телефон кај секретарката пред да влезе кај неа во канцеларија
Триесет доктори од Клиниката за респираторни заболувања „Козле“ со писмо адресирано до премиерот Христијан Мицкоски, министерот за здравство Арбен Таравари и до националниот координатор за здравство бараат итно разрешување на директорката на болницата Каролина Симоновска, детално образложувајќи го нивното незадоволство од нејзината работа.
„Подготвен сме да ја прекинеме работата со штрајк или евентуални откази во време кога има дефицит на педијатри во јавното здравство додека оваа елементарна непогода не биде отстранета, итно и неодложно. Ве молиме тоа да го завршите час поскоро. Доколку целта да пружаме поквалитетни услуги на пациентите ни е заедничка, покажете доблест и назначете директор кој ќе биде поддржан од лекарскиот колегиум“,
се вели во писмото на докторите.
Посочуваат дека нема тим за изведување на бронхоскопиите и дека токму поради лошото менаџирање со болницата врвни доктори за бронхоскопија си заминале.
Директорката, како што се вели во писмото, им се заканувала со отказ на специјалисти по ОРЛ кои одбивале да работат бронхоскпипија со недоволно едуциран кадар.
„Со ова лошо менаџирање директорката постигна од извршени 67 бронхоскопии во 2023 година, преку 40 бронхоскопии извршени од јануари до јуни 2024 година. Во втората половина од годината, откако таа е директорка, извршени се само три бронхоскопии, со што целосно снема витален оддел на Клиниката“,
пишува во писмото.
Освен нивното професионално деградирање, докторите посочуваат дека директорката бара од секој колега, вработен, претставник на фармацевтска фирма, странка, задолжително да го остави мобилниот телефон кај секретарката пред да влезе кај неа во канцеларија.
Инаку, во октомври во болницата беа потврдени низа системски, технички и стручни недостатоци откако министерот формираше Комисија да го истражи случајот со починатото 14-месечно бебе.
Комисијата утврди и дека навреме не биле преземени мерки од болницата поради тешкотии со дишењето на бебето.
Министерот пред два дена најави дека ќе ги менува директорите на болниците и здравствените установи ако се установи дека не постигнале резултати во работењето.