Првоосомничениот 21-годишен гостиварец ги ширел намерите на групата преку повеќе групи на социјалната мрежа Телеграм, каде што споделувал и пропаганден материјал на терористичката организација „Исламска држава“ чија идеолошка матрица, според Обвинителството, била во основите на групата
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) попладнево соопшти дека донело наредба за спроведување истражна постапка против четирите лица осомничени за поврзаност со тероризам и соопшти детали во врска со случајот.
Тројцата гостиварци и едно лице од Струга, кои беа уапсени во вчера во полициска акција, според Обвинителството, се товарат за кривичното дело терористичка организација, според членот 394-а од Кривичниот законик (КЗ).
Според содржината на диспозитивот на наредбата за спроведување на истражната постапка, првоосомничен во случајот е еден од гостиварците, на возраст од 21 година, кој, како што информираат од Обвинителството, создал и активно координирал терористичка организација / ќелија, во која членови биле останатите осомничени, но и други непознати лица од државава и од странство.
Идеолошката матрица на ќелијата била онаа на терористичката организација „Исламска држава“ (ИД, ИСИС), а намерата им била да изведат терористички напади на цивилни и јавни објекти.
Првоосомничениот 21-годишен гостиварец ги ширел намерите на групата преку повеќе групи на социјалната мрежа Телеграм, каде што споделувал и пропаганден материјал на „Исламска држава“.
„Првоосомничениот во почетокот на 2024 година формирал повеќе групи на социјалната мрежа Телеграм (Telegram) каде што искажувал целосна подготвеност и намера за извршување на терористички напад, како и поттикнување на други лица за извршување на терористички напади во Европа. Во групите споделувал претходно набавен и преработен – преведен пропаганден материјал на ИСИС, регрутирајќи нови членови, правејќи обиди за набавка на огнено оружје, како и споделувајќи упатства за изработка на импровизирани експлозивни направи кои што потоа ќе бидат искористени за извршување на терористички напади“,
се вели во соопштението на Обвинителството.
Оттаму информираат дека случајот влегува во фаза на истрага по неколкумесечна предистражна постапка на јавен обвинител од ОЈО ГОКК и Истражниот центар, како и истражители од лабораторијата за дигитална форензика.
Речиси истовремено со соопштението на Обвинителство, од Основниот кривичен суд Скопје, исто така, преку соопштение, информираа дека на барање на јавниот обвинител на четворицата осомничени им е одредена мерка притвор од 30 дена.
Според Судот, притворот е одреден бидејќи постои опасност осомничените да се дадат во бегство и да ја попречат истрагата со влијание на сведоци.
Против решенијата за притвор, странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје, додаваат оттаму.
Информирајќи вчера за полициската акција во која беа уапсени четирите лица, осомничени за поврзаност со тероризам, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, меѓу другото, кажа дека тие подолг временски период биле следени од надлежните безбедносни органи и оти за нив се постапувало во координација со меѓународните пријатели на земјава.
Четири лица, за кои македонските власти имаат основано сомнение дека планирале да организираат настани со кои би ја загрозиле безбедноста на Македонија и на други држави, биле уапсени утринава во полициска акција која била спроведена во Струга и Гостивар, рече министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
„Имаме многу докази во насока на поткрепено основано сомнение дека овие лица постапувале во насока да организираат во иднина одредени несакани настани кои би можеле да ја загрозат безбедноста како на Македонија, така и на други држави. Нивната цел била да индоктринираат останати луѓе од Балканот кои би можеле да дејствуваат соодветно во насока на реализација на нивните цели“,
рече вчера министерот.