Грчката крајбрежна стража досега извлече 79 тела и спаси повеќе од 100 луѓе, но преживеаните велат дека на бродот имало до 750 луѓе

Во Грција е прогласена тридневна жалост по трагедијата со потонувањето на брод со мигранти во Јонското Море, соопшти кабинетот на грчкиот премиер.
Грчката крајбрежна стража досега извлече 79 тела и спаси повеќе од 100 луѓе, но преживеаните велат дека на бродот имало до 750 луѓе.
Портпаролот на преодната влада на Грција изјави за државната телевизија дека властите не можат да ги потврдат извештаите дека меѓу 700 и 750 луѓе всушност биле на потонатиот рибарски брод, кој пловел од Либија кон Италија.
Несреќата се случи вчера во меѓународни води, на 47 наутички милји од Пилос во Јонското Море. Ниту еден од патниците, чија националност не е објавена, не носел појас за спасување.
Властите во неколку наврати успеале да стапат во контакт со бродот преку сателитски телефон, но оттаму само им повторувале дека не сакаат ништо освен да стигнат до Италија. Вчера околу 01:40 часот, некој од бродот испратил известување дека моторот се расипал, за набргу потоа бродот да се преврти и целосно да потоне за само 10 до 15 минути.
Во спасувачката операција учествувале пристанишната полиција, фрегата на грчката морнарица, авион и хеликоптер, како и шест бродови кои пловеле во областа. Операцијата за спасување се одвивала отежнато поради силните ветрови.
Во средата била укажана помош и на едрилица со 80 мигранти во водите кај Крит. Едрилицата била одвлечена до пристаништето Калои Лименес на југот на островот.