Со блокади на крстосницата пред населбата Автокоманда од 7 до 10 часот утринава, ССМ го продолжи генералниот штрајк во јавниот сектор. За време на блокадата пропуштани беа возила на Итната медицинска помош,полиција и противпожарна, а како што порача претседателот на ССМ, Дарко Димовски , тие ќе останат на барањето за линеарно зголемување на платите.
„Сојузот на синдикати на Македонија покажа дека одлучно стои на нивните барања кои во моментот се неопходни, а потоа и солидарни, зборувам за 2.806 денари одма од први јули, како и враќање на регресот, изгубеното право во јавниот сектор, од 30 до 100 проценти од просечната плата. Им се извинуваме на граѓаните, меѓутоа ова што денеска го правиме е навистина неопходно бидејќи знаеме дека се најавува нова цена на струјата, ценовните шокови по продавнците се исти, енергетска криза, нафтена”
рече Димовски.
Димовски упати апел до централната и локалната власт да го прифатат барањето за линеарно солидарно зголемување на платите и да постапат веднаш.
И натаму останува во сила одлуката за генерален штрајк, вработените во јавниот сектор ќе бидат на своите работни места, но нема да извршуваат работни задачи, освен 10 проценти од вработените кои ќе бидат на располагање за потребите на граѓаните.
ССМ се одлучи на генерален штрајк откако пропаднаа и последните преговори со Владата за нивните барања за линерно покачување на платите во јавниот сектор за 2 806 денари и враќање на правото на регрес за годишен одмор.
Претходните денови ССМ протестираше пред Владата ,Собранието и Министерството за финансии.