Во западна Србија, Шумадија и Поморавје е издаден црвен метеоаларм поради опасност од силен ветер и громови. Во другите делови од земјата од страна Републичкиот хидрометеоролошки завод е издаден портокалов метеоаларм, што значи опасно време.
Во синоќешното невреме што ја зафати Србија се регистрирани три жртви, пренесува РТС. Една повозрасна жена починала во пожар во Ковачица. Куќата се запалила откако гром удрил во дрвото во близина. Жената, како што пренесуваат српските медиуми, се обидела да го изгасне огнот во семејната куќа каде што живеела сама. Итната медицинска помош констатирала смрт, а Вишото јавно обвинителство направило увид и не наредило обдукција.

Во Бачка Паланка загинал маж кој според извештаите се обидувал да ги тргне струјните кабли кои паднале на капијата на неговата куќа.
Во невремето најпогоден беше Нови Сад каде што беа повредени повеќе од 30 лица, а загина и момче. Според последните информации во српските медиуми, момчето имало 11 години и починало од струен удар.
Штетите од невремето сè уште се утврдуваат. Најпогодена беше Војводина, а поради невремето без струја се делови од Нови Сад, Бачка Паланка, Темерин, Жабља, Футог, Зрењанин.

Во одредени населби и денеска нема струја, а улиците каде што падна кран и цела кровна конструкција сè уште се блокирани за сообраќај.