Претставата „Три“ е работена по легенда од Марко Цепенков за овчарот и трите самовили

Во Младинскиот културен центар во Скопје се одржа првата професионална детска претстава на знаковен јазик. „Три“ е претстава во која актерите паралелно зборуваат говорно и користејќи знаковен јазик.
Министерката за култура, Ирена Стефоска, на социјалните мрежи напиша дека претставата е посветена на заштита на животната средина.
„ТРИ е првата професионална претстава на знаковен јазик за глувонеми и наглуви лица во нашата земја на македонски јазик. Во претставата актерите паралелно зборуваат и го користат и знаковниот јазик. Претставата е работена по легенда од Марко Цепенков за овчарот и трите самовили, а главна тема се еколошките проблеми на денешницата. Еко-катастрофата која се случува поради глобалното затоплување, отпадот, загадувањето на воздухот, водата и почвата“,
напиша на Фејсбук министерката за култура Ирена Стефоска.

Претставата е во продукција на АТО – Центар за современа уметност и култура од Битола и е поддржана од Германската интернационална агенција за соработка ГИЗ и Министерството за култура.