Останатите три лека, како што вели директорот на Онкологија Игор Стојковски, ќе пристигнат на Клиниката на почетокот на февруари
Два од шесте лека што недостигаат на Клиниката за радиотерапија и онкологија во Скопје се очекува да стигнат денеска, а од утре на располагање на Клиниката ќе биде уште еден лек. Ова во изјава за МИА попладнево го изјавил директорот на Онкологија, Игор Стојковски.

Другите три лека, како што вели Стојковски, ќе пристигнат на Клиниката на почетокот на февруари.
„Се довршуваат административните процедури за оние лекови што недостигаат со цел да ја обезбедиме соодветната терапија за пациентите“,
вели директорот на Онкологија во изјавата за МИА.
Стојковски информира дека од следната недела ќе располагаат со новите буџетски средства со што ќе се обезбеди терапијата за пациентите на Онкологија до крајот на годината. Ако има потреба од дополнителни финансиски средства, како што рече, Фондот за здравствено осигурување ќе им излезе во пресрет.
Во изјава за медиумите директорот на Онкологија вчера рече дека повеќето од пациентите што се третираат на Клиниката ја примаат потребната терапија. Според него, во моментов има недостиг на лекови кои се дел од третманот за 40-60 пациенти.