На огласот, како што пренесува МИА, пријавени се сегашната в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителката Ленче Ристовска, судијата од Кривичниот суд Ненад Савевски, поранешниот претседател на Кривичен Владимир Панчeвски и обвинителката од скопското Обвинителство Лидија Раичевиќ

Досега пет кандидати се пријавиле на огласот на Собранието за државен јавен обвинител, а рокот за поднесување пријави истекува на полноќ.
На огласот, како што пренесува МИА, пријавени се сегашната в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителката Ленче Ристовска, судијата од Кривичниот суд Ненад Савевски, поранешниот претседател на Кривичен Владимир Панчeвски и обвинителката од скопското Обвинителство Лидија Раичевиќ.
Судијата од Кривичниот суд Савевски и обвинителката Раичевиќ за МИА ја потврдиле кандидатурата, а во изјава за медиумите потврдно одговорија и обвинителката Ристоска и в.д. државната обвинителка Тополова-Исајловска.
Својата кандидатура за огласот за јавен обвинител на Република Северна Македонија, кој го распиша Собранието, досега ја потврди поранешниот претседател на Основниот суд Скопје, Владимир Панчевски. Во пријавата на Панчевски поднесена на 21 јануари до Собранието се наведува дека тој ги исполнува сите законски услови за извршување на функцијата државен јавен обвинител
Кандидатура за функцијата најави и поранешниот виш јавен обвинител на скопското Вишо јавно обвинителство, Мустафа Хајрулахи, но сепак, како што пишува МИА, се откажал од намерата.
Огласот доаѓа откако Љупчо Коцевски лани во декември поднесе неотповиклива оставка, а на негово место дојде обвинителката Тополова-Исајловска како в.д. државен јавен обвинител која беше единствен кандидат, но не може да биде на позицијата подолго од шест месеци.
Претходно денеска од собраниската прес-служба изјавија дека до архивата на Собранието се поднесени четири пријави за оваа позиција, но не споделија детали за тоа кои се подносителите.
Постапката за избор на нов државен јавен обвинител почна со огласот што го распиша Собранието на 12 јануари годинава, со рок за пријавување од 15 дена од денот на објавувањето во „Службен весник“. Кандидатите мора да имаат непрекинат работен стаж од најмалку 10 години како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право.
Според Законот за Јавното обвинителство, добиените кандидатури се препраќаат до Владата. По пријавувањето, Владата бара мислење од Советот на јавните обвинители за сите кандидати. Советот е должен да достави образложени мислења во рок од 15 дена.
Доколку Советот не даде позитивно мислење за ниеден од пријавените кандидати, Владата не може да утврди предлог и му предлага на Собранието распишување нов оглас.
Со 61 глас од пратениците ќе треба да биде избран новиот државен јавен обвинител.
