Екипа на „360 степени“ прикриено пазаруваше во неколку мали маркети, супермаркети и на пазарот во Тетово. Само во големите трговски единици се почитуваше мерката – пластичните биоразградливи кеси да се наплаќаат по 15 денари
Граѓаните, генерално, се „за“ мерката да продолжи. Но, некои бараат сè да се врати по старо и да не им се отежнува на граѓаните бидејќи „овде не важи ниту еден закон“
На 1 декември минатата година почна примената на новите одредби од Законот за управување со пакување и отпад од пакување.

„Предвидовме забрана на пластичните кеси за носење стоки, кој ќе стапи на сила од 1 декември, а дозволено е само продавање на биоразградливи кеси кои не смеат да бидат екстра лесни и за кои се плаќа надоместок од 15 денари.“
рече Нуредини.
Два месеци подоцна министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, изрази задоволство од спроведувањето на законот.
„Веќе ги добивме првите податоци за продадените кеси во првиот месец односно месец декември 2021 година. Во некои маркети, каде претходно кесите биле бесплатни, сега имаме намалување и до 10 пати на продажбата.“
изјави Нуредини.
„360 степени“ деновиве провери на терен – колку се почитува и спроведува законот.

Тетово е еден од најголемите градови во Северна Македонија, а со тоа и еден од најголемите трговски центри во државата. Има молови, присутни се најголемите синџири на супермаркети, а има и помали продавници и зелени пазари.

Токму на пазарот ја почнавме нашата мисија. Прво, поразговаравме со пазарџиите.
Дали клиентите плаќаат за овие кеси?
-Плаќаат, како не.
Колку плаќаат за кеса?
-По 10 денари.
Дали имаше некоја контрола за кесите?
-Да, имаше, некого казнија, некого не.
вели еден од пазарџиите.

–Ние се придржуваме до законот. Да, кој сака кеса, се знае дека е 15 денари за кеса, ако сака ќе го послужиме или носат торби со себе.
–Нема што да се бунат, тоа е закон кој е изгласан и кој е донесен од страна на надлежните органи и така се спроведува.
Дали имаше контрола во тетовскиот пазар?
–Па, доаѓаат, тие луѓе кои се овластени за такви работи си доаѓаат, разговараат со нас.
Казнија некого?
–Па, нема што да се казни ако се спроведува законот како што треба.
вели друг пазарџиија.
Тврдењата на овие пазарџии дека законот се почитува ги тестиравме на една од тезгите. Купивме малку овошје и кога дојде моментот да се плати сметката…

Колку ти должам?
-140 денари.
Кесата не ја плаќам, нели?
-Кај нас не, само во маркети. Имаат сторено кражба,15 денари една кеса, никаде во светот нема такво нешто. 15 денари е килограм јаболка, срамота.
рече еден од пазарџиите.
По пазарот, тргнавме да купуваме во малите маалски продавници. Во ниту еден таков маркет не ја плативме најлонската ќеса.
Прво, бевме во едно маало.

Добар ден.
Колку чини?
-100 денари.
Дали треба да платам за кесата?
-Не можам да ти земам само тебе пари, затоа што не наплаќам на никој друг.
вели продавачот во маркет.
Потоа отидовме во друг дел од градот. Но, и таму производите веднаш ни ги ставија во кеса без да ни побараат пари за неа.

Дали се плаќа кесата?
-Не, не се плаќа, на црно ги даваме затоа што земавме многу резерва.
Контрола доаѓа?
-Еве каде е, обврска ни е, ама ние си тераме така.
вели продавачот во друг маркет.
И во третиот маркет, на трета страна од градот, искуството беше речиси идентично.

Колку должам?
-175 денари.
Овие кеси не се плаќаат или?
-Не, тие не се плаќаат.
Ви благодарам, убав ден.
рече продавач во маркет.
По малите продавници, решивме да посетиме дел од големите ланци на супермаркети. Таму се применуваа новите законски одредби.

Кеси какви има?
-Има хартиени, тие позади и најлонче.
Најлонче, колку е?
-15 денари, а тие се 10.
-Обична?
Се плаќа?
-15 денари.
Не, не.
рече продавачката во маркетот.
А, што мислат купувачите? Оние Тетовци со кои разговаравме велат дека законот е добар, но дека не функционира како што треба.

Што мислите дека треба да се направи?
–Мора да ги вратат кесите како што беше порано.
Што мислите, овој закон не функционира?
–Не функционира, без разлика каков закон е, овде нема закон, овде ништо не функционира.
вели жител на Тетово.
“Од некаде мора да се почне,мора да ја зачуваме околината.“
рече граѓанин.
Дали има продавници кои даваат кеси, но не наплаќаат за таа кеса?
–Има некои, но ретки се.
изјави граѓанин.
“Со оглед на околностите, моравме да се навикнеме, бидејќи екологијата денеска е голема работа. А треба да се прилагодиме и на условите кои моментално се на пазарот и во општеството, и воопшто со собирање на тие суровини и нивна рециклажа.“
рече граѓанин на Тетово.
„360 степени“ се обрати до Државниот пазарен инспекторат, кој е надлежен за надзорот. Меѓу другото, прашавме колку контроли направиле и колку казни имаат напишано досега. Одговор не добивме.

Слични прашања поставивме и во Министерството за животна средина и просторно планирање. Во однос на инспекциите и казните, ни кажаа дека немаат информација, бидејќи тоа е во надлежност на Државниот пазарен инспекторат.

За тоа дали се задоволни од ефектите, одговорот е – да.
„Првичните податоци обезбедени во соработка со големите маркети, покажуваат дека количината употребени кеси е драстично намалена. Во некои ланци на маркети имаме намалена употреба од 5 до 10 пати, а изразено во килажа станува збор за тонски количини на намален отпад од пластика. И покрај тоа што е потребно време за навикнување и прилагодување кон овие мерки, сепак, позитивните промени на потрошувачките навики се очигледни, а податоците покажуваат и зголемен број на продадени торби за повеќекратна употреба.“
велат од Министерство за животна средина и просторно планирање.
Овие податоци Министерството ги темели на информациите од поголемите синџири на супермаркети со кои соработува. Бидејќи известувањето е на секои три месеци, следните податоци за бројот на продадени кеси ќе се знае по крајот на март.

Колку кеси не се продаваат, туку се подаруваат по малите маркети и пазарите, не може да се знае. Од Министерството само посочуваат дека истите правила кои важат за големите супермаркети, важат и во маалските дуќани и на тезгите.

This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.
Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesve/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.