Израелската војска го нападнала седиштето на иранската државна радиодифузна служба во Техеран откако претходно им кажала на жителите од областа на главниот град каде што се наоѓа да се евакуираат

Три лица загинаа по напад на Израел врз државната радиодифузна служба во Иран, пренесува Би-би-си повикувајќи се на иранските државни медиуми.
Претходно, државните медиуми објавија дека еден уредник на вести и друг вработен во Радиодифузијата на Исламската Република Иран (IRIB) се убиени во нападот.
Израелската војска го нападнала седиштето на иранската државна радиодифузна служба во Техеран откако претходно им кажала на жителите од областа на главниот град каде што се наоѓа да се евакуираат.
Во видео што се пренесува на светските агенции се гледа дека преносот во живо е прекинат, а презентерката може да се види дека во моментот кога се случува експлозијата таа ги пренесува вестите и веднаш брза да се скрие. Потоа сив чад и остатоци го исполнуваат воздухот, пред да заврши снимката.
Агенцијата АФП денеска пренесува информации од локалните медиуми дека две експлозии се слушнале во северозападниот град Тебриз во Иран.
Според иранските медиуми, две експлозии се случиле во градот во интервал од пет минути.
„Густ чад беше забележан околу Тебриз во вторник наутро по експлозијата“,
соопшти новинската агенција Мехр објавувајќи видео од градот, кој се наоѓа на повеќе од 600 километри од Техеран.
Градот е исто така дом на голема воздухопловна база која беше цел на Израел во последните денови.