Трите лица во раните утрински часови во ноември минатата година, со предизвикување на пожарот во кафе-бар во скопската населба Кисела Вода, предизвикале и значителна опасност за животот и телото на луѓето, велат од Основното јавно обвинителство
Со автомобил од марката „фолксваген голф“ со скопски регистарски таблички – возило кое било управувано од страна на еден од обвинетите, трите лица пристигнале во близина на кафе-барот во раните утрински часови, се вели во соопштението на Основното јавно обвинителство Скопје. Додека возачот чекал во автомобилот, двете други лица се упатиле кон деловниот објект, каде што едниот од нив со секира го скршил лизгачкото стакло од кафулето, додека пак другиот предизвикал пожар со палење бензин. По опожарувањето, трите соизвршители избегале со возилото од местото на настанот.
„Тројцата обвинети, во раните утрински часови на 13.11.2024 година, со пожар предизвикале значителна опасност за животот или телото на луѓето, така што опожариле кафе бар во станбена зграда на улицата ‘Христо Татарчев’ во Скопје. Притоа на запалениот објект предизвикале и имотна штета од поголема вредност проценета на 362 161 денар“,
се вели во соопштението.
Неофицијално, еден од осомничените е Гоце Трајковски, кој, пак, е еден од клучните сведоци во случајот за грабнувањата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски. Тој по опожарувањето на кафулето беше во бегство.
„Лицето е осомничено за друго кривично дело и тој во моментот не е достапен за органите на прогонот. Осомничен е за учество во палење на објект во Кисела Вода, дело за кое во притвор се веќе две лица“,
соопшти своевремено шефот на Основното јавно обвинителство Скопје, Гаврил Бубевски.
На 23 јануари годинава, Трајковски самиот ѝ се предаде на полицијата, а потоа и сведочеше во случајот за грабнувањата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
