Тетовската полиција бележи пријави за три физички напади во текот на вчерашната вечер. Една од пријавите е за семејно насилство.
Половина час по полноќ, 45-годишен тетовец во СВР Тетово пријавил дека во нивниот дом бил физички нападнат од неговиот 25-годишен син.
Претходно околу 20 часот Б.Н. (44) од Тетово пријавил дека 10-ина минути претходно, додека бил на работа во автопералница на улица „Борис Кидрич“ во Тетово, бил физички нападнат од Б.Х. (37) од тетовско Гајре, од негов роднина и од уште едно непознато лице.
„Во 23 часот и 45 минути, П.Џ. (30) од Тетово во СВР Тетово пријавил дека на улица ‘Илинденска’ во Тетово, бил физички нападнат од 4 лица, кои по случена сообраќајна незгода со него, излегле од возило ‘бе-ем-ве’, со тетовски регистарски ознаки и физички го нападнале“,
информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Тетовската полиција сега работи на расчистување и документирање на трите случаи.
