Шеесет и три отсто од Украинците се подготвени да продолжат со борбите, а само девет отсто веруваат дека војната ќе заврши до почетокот на 2026 година, покажува анкета на Меѓународниот институт за социологија во Киев (КИИС)
Три четвртини од Украинците се противат на големи територијални отстапки како дел од мировниот план, покажува анкета спроведена во земјата, а чии резултати беа објавени денеска, пренесуваат светските агенции.

Станува збор за анкета на Меѓународниот институт за социологија во Киев (КИИС), според која 72 отсто од Украинците се подготвени за договор со кој се замрзнува сегашната линија на фронтот и содржи одредени компромиси.
Сепак, 75 отсто од испитаниците сметаат дека план што вклучува отстапување на територија и ограничување на војската без безбедносни гаранции за Украина е „целосно неприфатлив“.
Анкетата е спроведена помеѓу крајот на ноември и средината на декември и опфаќа 547 испитаници на територијата контролирана од Украина.
Според извршниот директор на КИИС, Антон Хрушецки, јавното мислење во врска со ова прашање останало стабилно во последните месеци.
Шеесет и три отсто од Украинците се подготвени да продолжат со борбите, а само девет отсто веруваат дека војната ќе заврши до почетокот на 2026 година.
Американскиот претседател Доналд Трамп врши притисок врз Украина да се согласи на условите од неговиот предлог за мировен договор, додека Киев и неговите европски сојузници бараат безбедносни гаранции од Вашингтон како дел од каков било договор.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека разговорите во Берлин со пратениците на американскиот претседател Доналд не биле лесни, но оти донеле вистински напредок околу прашањето за безбедносни гаранции.
Соединетите Американски Држави соопштија дека понудиле силни безбедносни гаранции за Украина слични на правилата на НАТО и изразија уверување дека Русија ќе ги прифати. Ваквиот развој на настаните Вашингтон го оцени како пробив во напорите за завршување на војната
Инаку, според анкетата, само 21 отсто од Украинците му веруваат на САД – што е пад од 41 отсто во споредба со декември лани. Довербата во НАТО, исто така, е падната од 43 отсто лани на 34 отсто.
Американскиот претседател ДоналдТрамп, исто така, повторно повика да се одржат избори во Украина, што е забрането поради вонредната состојба.
Зеленски, чиј прв мандат истече минатата година, овој месец навести дека би бил отворен за нови избори доколку САД го преземат водството во гарантирањето на безбедноста.
Сепак, според анкетата на КИИС, само девет отсто од Украинците сакаат избори пред завршувањето на борбите.
