Парадата на гордоста во Скопје се одржува во организација на Националната мрежа против хомофобија и трансфобија, а ќе заврши со културно-забавна програма на стадионот на АРМ во Градскиот парк
Неколку илјади граѓани излегоа на третата парада на гордоста во Скопје, која годинава се одржува под мотото „Излези за љубов! Достоинство. Еднаквост. Правда“.

„Тука сме за сите наши блиски и далечни, за сите наши познати и непознати, кои што биле избркани од дома затоа што се геј. Кои што биле избркани од работа затоа што се транс. И кои што биле физички и психички малтретирани затоа што не влегуваат во тесните рамки на она што некој го нарекува нормално“,
порачаа учесниците на „Скопје Прајд 2022“.
Непоимливо е во 21 век сè уште да сме сведоци на дискриминација само затоа што некој го живее животот според сопствена определба, порачаа присутните на парадата попладнево од пред платото во паркот „Жена-борец“ во Скопје.

Присутните граѓани на парадата порачаа дека е потребна силна институционална заштита и брза реакција против секој облик на насилство, но и образовен систем што, како што рекоа, нема да не учи да се мразиме и срамиме од самите себе.
На политичарите им порачаа дека сите плаќаат даноци, а не само стрејт, туку и геј, и би и транс луѓето и од пред Собранието побараа еднаквост пред законот. Тие, исто така, ги повикаа да го стават на дневен ред и Законот за матична евиденција со кој ќе се регулираат назнаките на транс-родовите лица, но и да се размислува за исти права за оние кои живеат во истополови бракови.

Парадата, која ја организира Националната мрежа против хомофобија и трансфобија, со лично присуство ја поддржаа повеќемина јавни личности, активисти и политичари, меѓу кои и вицепремиерот Бојан Маричиќ и министерката за труд Јована Тренчевска и американската амбасадорка Кејт Мари Брнз.
На социјалните мрежи пораки за поддршка упатија претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски.
Парадата на гордоста во Скопје се одржува во организација на Националната мрежа против хомофобија и трансфобија, а ќе заврши со културно-забавна програма на стадионот на АРМ во Градскиот парк.