Надлежните информираат дека пациентот имал покачена температура до 38 степени, главоболка, болка во телото, малаксаност и обилно потење. Првично е примен во Општата болница во Велес, а сега е на Инфективната клиника во Скопје

Потврден е трет случај на конго-кримската хеморагична треска во земјава. Станува збор за 42-годишен велешанец, информираат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Тој е хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје и е во стабилна општа состојба.
Надлежните велат дека пациентот имал покачена температура до 38 степени, главоболка, болка во телото, малаксаност и обилно потење. Првично бил примен во Општата болница во Велес.
„Во доцните вечерни часови на 12.08.2023, Одделот за епидемиологија на заразни заболувања при ИЈЗ е телефонски известен за позитивен резултат на конго-кримска хеморагична треска од направените тестови на материјал добиен од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Тестирањата се направени на Одделението за вирусологија при ИЈЗ. Заболеното лице е маж на возраст од 42 години, од Велес, трансфериран на Клиниката од Општа болница Велес, истиот ден. Пет дена пред прегледот во болницата почнале симптомите – покачена температура до 38 степени, главоболка, болка по телото, малаксаност и обилно потење“,
информираат од ИЈЗ.
Веднаш е известен Институтот за јавно здравје – Велес, кој формирал тим за епидемиолошка анкета на заболениот, проценка на ризик во семејството и на лицата кои биле во контакт во здравствените установи.
„Во контекст на пристапот ‘едно здравје’ (One health) контактирана е Агенцијата за храна и ветеринарство за дополнителни истражувања на терен. Одделот за епидемиологија на заразни заболувања при ИЈЗ е во комуникација со ЦЈЗ Велес и ја следи состојбата, а доколку има промена, соодветно ќе информира“,
се наведува во соопштението.
Првиот случај на конго-кримска хеморачна треска беше потврден кај девоја на возраст од 27 години од селото Кучица, Штип, која почина. Таа била касната од крлеж.
Вториот случај на заразен е болничарка која била во контакт со девојката од Штипско за време на нејзиниот престој на Клиниката за инфективни болести во Скопје.
Според информациите достапни на интернет-страницата на Институтот за јавно здравје, вирусот се пренесува на човек пред сѐ од крлежи на домашни животни. Преносот од човек на човек може да се случи како резултат на близок контакт со крв, излачевини, органи или други телесни течности на заболените лица. Смртноста достигнува и до 40%.