Трет ден пред Апелацискиот суд во Скопје денеска ќе се разгледуваат жалбите во предметот „27 април“ во која се досудени вкупно 211 години затвор за 16 обвините, како и една ослободителна пресуда за Игор Дурловски.
Адвокатите во случајот бараат од апелациските судии да ја укинат пресудата од Основниот кривичен суд во Скопје и да го вратат предметот на повторно судење. Тие сметаат дека во постапката пред првостепениот суд имало суштествени повреди на правата, а ја оспоруваат и квалификацијата на кривичното дело како терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

Вчера своите жалби ги образложија дел од бранителите, а Александар Василевски-Нинџа, пак, пријави дека утрото добивал закани од претставници на патриотските здруженија придружувани од ќерката на Митко Чавков. Адвокатот на Чавков, Сашко Дукоски, пак, оцени дека станува збор за „будалаштина од најдолен вид“ отфрлајќи ги обвинувањата на Нинџа кон неговиот клиент.

Покрај жалбите од одбраната, и обвинителството има поднесено жалба за ослободителната пресуда за Игор Дурловски.
Во предметот беа опфатени уште 15 лица, меѓу кои и петмина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, но тие добија амнестија со Законот донесен во Собранието во декември 2018 година.
Првостепената пресуда, која ја донесе советот на судијката Добрила Кацарска, а за која деновиве се разгледуваат жалбите пред Апелација, беше објавена на 15 март 2019.
*Поврзани вести:
Пресудата со вкупно 211 години затвор за „27 април“ денеска на јавна седница во Апелација
Нема изземање судии од Апелација за случајот „27 април“
Нинџа: Лица кои беа со ќерката на Чавков утрово ми се заканија при спроводот во судот
Адвокатот на Чавков: Будалаштина од најдолен вид е обвинувањето на Нинџа за заканите
Адвокатот на Нинџа: За неговата безбедност одговара државата