Од друга страна, првиот човек на ССМ оцени дека е добро што премиерот го прифатил барањето на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) за зголемување на платите во управата и правосудството по речиси една година протести на работниците од овој сектор и покрај тоа што, како што вели Трендафилов, Владата претходно одбивала да го направи ова
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, информира дека премиерот Христијан Мицкоски утринава не се појавил во просториите на Синдикатот за да ја потпише спогодбата за зголемување на минималецот на 600 евра и зголемување на останатите плати за најмалку 100 евра.

„Денеска паднаа маските, се разобличија лагите кои претставникот на Владата ги изјавуваше изминатите денови за да створат сомнеж кај работниците, денеска не дојде како што го поканивме, денеска тие имаа други приоритети, а се потврди дека не им е приоритет зголемувањето на работничките плати ниту зголемување на минималната плата, ниту зголемување на останатите плати“,
порача Трендафилов.
Од друга страна, првиот човек на ССМ оцени дека е добро што премиерот го прифатил барањето на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) за зголемување на платите во управата и правосудството по речиси една година протести на работниците од овој сектор и покрај тоа што, како што вели Трендафилов, Владата претходно одбивала да го направи ова.
„Денеска требаше да ги зголемат и платите на вработените во управата за 40 отсто, но не се појавија на потпишувањето на спогодбата и на колективните договори. Бегаат од одговорноста, како што бегаа цела 2025 година“,
додава Трендафилов.
Од ССМ реагираат и на најавите за укинување на одредби од Општиот колективен договор во делот за пресметка на плата, предупредувајќи дека тоа би значело реално намалување на работничките плати за 21,8 отсто за околу 130 000 работници во јавниот сектор. Дополнително, како што велат оттаму, барањето на поединци за укинување на Општиот колективен договор значи вработените да останат без јубилејни награди, без К-15, без додатоци за плата кои беа зголемени со Општиот колективен договор за јавен сектор.
