Првиот синдикалец кажа дека на утрешната блокада ќе присуствуваат и раководството и членовите на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) кои вчера заедно со Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) постигнаа договор со Владата за зголемување на додатоците на плата за 40 проценти до 2028 година
Блокадата на Собранието треба да упати порака до пратениците затоа што тие повеќе од една година го блокираат законот за минимална плата, а во истиот период, изјави денеска на прес-конференција претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов.

Како што кажа тој, додека се оглушуваат на нивната иницијатива за зголемување на минималната плата и намалување на функционерските плати, секое семејство во државата е посиромашно за 9 500 денари месечно, за колку што порасната вредноста на синдикалната минимална кошница.
Говорејќи за утрешната блокада на законодавниот дом, Трендафилов потврди дека тој ќе почне во 9 часот, кога ќе бидат блокирани улиците „Даме Груев“ и „11 Октомври“.
Трендафилов повика на масовност на утрешната блокада.
„Согласно закон, најмалку по 21 човек се потребни на двете локации за да ги блокираме пратениците, но ве покануваме сите што можете да ни се придружите. Пратениците сè уште се прават глуви на иницијативата на ССМ за зголемување на минималната плата и на останатите плати за 100 евра, како и за последната иницијатива на ССМ за намалување на нивните плати за 80 проценти, односно да си ја намалат основицата за пресметка на плата од просечна на минимална плата и да ги намалат нивните коефициенти на сложеност“,
изјави претседателот на ССМ.
Според претседателот на ССМ, ваквата иницијатива е темелена на Уставот и законите и ако биде усвоена, ќе биде законска.
„Имајќи предвид дека веќе најавуваат намалување на нивните коефициенти за процентот на порастот на просечната плата или колку што си пресмета гувернерот на Народната банка (Трајко Славески) за 9,2 проценти, па јавно ги прашуваме како ќе биде уставно и законски да ги намалат процентите, односно коефициентите на сложеност на нивните плати за 9,2 проценти, а да не ги намалат за 80 проценти. Како 9 проценти ќе биде уставно и законски, а 80 проценти е неуставно и незаконски“,
рече Трендафилов.
Тој додаде дека пратениците први ќе се соочат со гневот на работниците, бидејќи нема да можат да ги наплатат патните трошоци за доаѓање на работа кои се движат од 100 евра па нагоре.
„Со тоа ќе им покажеме дека онака како што работниците доаѓаат на работа пеш или со јавен превоз, така ќе треба и тие да дојдат и да им покажат на работниците дека сочувствуваат со нивната мака затоа што ниту трошоците за превоз и храна како што бара Сојузот на синдикатите на Македонија не ги гласаат во Собрание за да имаат право работниците на таквите трошоци“,
изјави Трендафилов.
На утрешната блокада ќе присуствуваат и раководството и членовите на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) кои вчера заедно со Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) постигнаа договор со Владата за зголемување на додатоците на плата за 40 проценти до 2028 година.
„Утре, Синдикатот на УПОЗ ќе даде поддршка затоа што основната компонента за пресметка на платите во управата и правосудството е минималната плата. Доколку минималната плата се зголеми за 200 евра, нивните плати ќе се зголемат за 200 евра. Но, загрижува тоа што за вработените во полицијата, одбраната и во други институции има предвидено нула проценти, а таму платите се пресметуваат како минимална плата со додатоци на плата“,
рече Трендафилов.
Во однос на постигнатиот договор меѓу УПОЗ и Владата, Трендафилов кажа дека Синдикатот на УПОЗ извојувал победа затоа што пред една година барал 30 проценти зголемување на додатоците на плата за 3 000 работници, а сега добива 40 проценти за 11 000 работници.
„Владата, веднаш по големиот работнички протест на 28 јануари, понуди зголемување од 40 проценти за 7 700 работници, а Синдикатот на УПОЗ успеа да земе зголемување за повеќе од 11 000 работници“,
кажа претседателот на ССМ.
По утрешната блокада на Собранието, за в четврток е најавена блокада на Стопанската комора, а следниот вторник на Владата.
За протестот на ССМ денеска било разговарано на редовната координација што претседателот на Собранието, Африм Гаши ја има со координаторите на пратеничките групи. Договорено е, кажа тој на брифинг со новинарите, парламентот да работи додека трае протестот, а пратениците да најдат начин да дојдат на седница, без да се попречи правото на протест на граѓаните.
„Не верувам дека некој со кола би дошол, дали ќе дојдат пеш или ќе дојдат порано, не знам како ќе биде. Но, се договориме дека ние треба да продолжиме да работиме, а исто така ќе го почитуваме правото на протест на граѓаните. Нема да има специјално обезбедување на Собранието. Шефот на мојот кабинет се сретна со началниците во МВР, тие си имаат редовни безбедносни протоколи. МВР ги презема сите свои мерки. Се надевам дека се ќе биде мирно и ќе тече како што треба. Така, тие ќе си протестираат, ние ќе си работиме“,
рече Гаши.
