Трендафилов вели дека властите со неприфаќањето на пристапот сакале да бидат Влада која води најсиромашни работници и Влада која води најсиромашна држава во Европа

Егото на еден претставник на Владата е причина за незголемување на работничките плати, вели претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов.
Според него, минатата година работодавачите биле подготвени да ги зголемат платите на работниците за најмалку 6 000 денари, доколку Владата времено се откаже од продонесите.
Но, поединци во Владата, вели Трендафилов, сметаа дека тоа не смее да се дозволи.
Реакцијата на Трендафилов објавена на неговиот фејсбук-профил доаѓа откако министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во синоќешното интервју во „360 степени“ на новинарско прашање што би изгубила Владата со овој пристап работодавачите да го покријат нето-зголемувањето, а Владата да ги покрие придонесите, рече дека таа, а и буџетот не би изгубиле ништо, но упати за ова да се праша во Владата и во надлежното Министерството за економија и труд.
Трендафилов вели дека властите со неприфаќањето на пристапот сакале да бидат Влада која води најсиромашни работници и Влада која води најсиромашна држава во Европа.
„Доколку минатата година не тераа инат, олеснувајќи го притисокот кон работодавачите за делот на придонесите, денеска работниците ќе имаа за 6 000 денари зголемување на нивните плати, а по истекот на временскиот период за кој работодавачите бараат олеснување, сега ќе почнеа со уплата на придонесите за така зголемените плати“,
вели Трендафилов.
Тој вели дека на овој начин на месечно ниво во буџетот ќе се слевале над 10 милиони евра во буџетот, а на годишно ниво над 120 милиони евра.
„Но, веројатно некој во владата мисли дека подобро е да се задолжува и да зема кредити кои ги ќе исплаќаат следните поколенија“,
додава претседателот на ССМ.
Трендафилов упатува повик до бизнисот да ја прифати подадената рака на работниците за со тоа да се натера Владата да застане на страната и на бизнисот и на работниците.
„Бизнисот и работниците одлучуваат кој ќе ја води државата, а ако тој што го избрале не работи во нивен интерес, лесно ќе изберат друг, а доколку не, заедно со работниците преминуваме на следните фази, блокади, протести и генерален штрајк за што последиците и одговорноста ќе ја имаат исклучиво тие“,
додава Трендафилов во објавата.
Димитриеска-Кочоска синоќа рече дека Владата останува набљудувач во дијалогот меѓу синдикатите и работодавачите бидејќи платите ги обезбедува приватниот сектор. Според неа, има Закон за минимална плата, каде што се регулирани овие прашања и од тие причини, како што вели, Владата не се меша.
На прашање зошто Владата не се водеше од истата логика и за одлуката за зголемување на пензиите линеарно за пет илјади денари иако постоеше закон што предвидуваше како се прави усогласување, министерката одговори дека има разлика бидејќи пензиите биле предизборно ветување.
