Вака како што е поставен системот, не знаеме кој контролира – вели потпретседателката на СДСМ и пратеничка во Собранието, Јована Тренчевска, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1

360°: Една од темите на лидерската средба беше законот за прекршоци, чие донесување е предуслов за проектот „Safe City“. Власта рече дека би сакала да профункционира од први февруари. За законот е потребно двотретинско мнозинство, не и Бадентерово, што значи дека на мнозинството му се неопходни или гласови од СДСМ или од ДУИ. Зошто имате задршка за законот за прекршоци?
Тренчевска: Никогаш не сме рекле дека сме апсолутно против. Секогаш ги градиме ставовите внатре во пратеничката група за кое било прашање коешто е од интерес на граѓаните. Но, процесите се поставени некако наопаку.
360°: Зошто?
Тренчевска: Затоа што пред донесувањето толку битни закони мислам дека власта требаше да покаже сенс и да ги собере партиите внатре во парламентот и да се разговара.
360°: Знаете дека има процедури. Нацрт-законите се ставаат на ЕНЕР, таму може да се коментира. Па, следува друга процедура…
Тренчевска: Парламентот е важна алка. Парламентот ги носи законите и треба да се почитуваат партиите коишто се внатре.
360°: Вам ви доаѓа предлог-закон, имате инструменти како да реагирате – со амандмани.
Тренчевска: Со амандмани е тешко, затоа што ви е даден готов текст и вие со амандмани не можете целосно концептот на власта да го смените. Затоа е добро пред да се достави во Собранието, да се разговара, да има јавна расправа, како што побаравме за Кривичниот законик.
360°: За законот за прекршоци, кажете ми што ви се конкретните резерви?
Тренчевска: Надзорот над целиот овој систем на „Safe City“ го нема во законот и тоа е едно прашање за коешто мора да се разговара.
360°: Се плашите од злоупотреба?
Тренчевска: Апсолутно, затоа мора да има механизам за надзор и контрола. Вака како што е поставен системот, не знаеме кој контролира. А посебно од владеењето и практикувањето власт на ВМРО-ДПМНЕ…
360°: Власта ќе ви каже дека тоа е целосно автоматизиран систем во којшто нема човечки фактор.
Тренчевска: Кој го храни софтверот, кој го храни компјутерот?! Тоа е прашањето. И затоа е неопходно да имаме во самиот закон одредби за контрола и надзор. Кој ќе го врши, како ќе се врши и на кој начин ќе се заштитат податоците на граѓаните.
360°: Се плашите од злоупотреби и во политичка смисла?
Тренчевска: Апсолутно, секаков вид злоупотреба. Секаков вид злоупотреба. Системот го нема тој надзор и механизам за надзор и контрола којшто може да ветува дека нема да има.
360°: Има ли начин, сепак, вие да го поддржите тој закон? Бидејќи во голем дел од јавноста мислам дека проектот има поддршка.
Тренчевска: Апсолутно како проект има поддршка и од страна на СДСМ. Ако видиме ние последната година, година и пол, навистина се зголеми бројот на жртви во сообраќајот, така што сметам дека и не овој закон, и со многу други закони коишто сме ги гласале и коишто се добри за граѓаните, покажуваме дека сме конструктивна опозиција.
360°: Не исклучувате дека ќе гласате?
Тренчевска: Не исклучуваме дека ќе гласаме, апсолутно не исклучуваме. Ќе разговараме во рамки на пратеничката група заедно со раководството и ќе го донесеме нашиот конечен став. Меѓутоа, прво треба да се договорат оние коишто беа на средбата во Собранието за да видиме дали воопшто ваков каков што е законот ќе дојде на собраниска седница…
360°: Ако добро разбирам, грижите на ДУИ се во друга насока. Тие пред сè бараат почитување на законот за јазици, воведување и на албанскиот јазик во пораките со коишто ќе бидат известувани граѓаните за прекршоците. Мислам дека тоа е нивната главна грижа, не ова вие за што зборувате.
Тренчевска: Ќе видиме која е, навистина не ја знам главната грижа на ДУИ, меѓутоа преку медиумите ќе се дознае.
