Тренчевска истакна дека е апсурдно во „храмот на демократијата“ да се носи резолуција со која се осудува опозицијата или „едноставно кажано се замолчува, за да не ги кажува сите негативности на власта, се она што власта го крие“

Потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска, вели дека новоизгласаната резолуција на ВМРО-ДПМНЕ е неуставен обид за политичка пресметка и замолчување на опозицијата.
Според Тренчевска, главната цел на оваа,како што рече, антидемократска резолуција, е дефокусирање на јавноста од договорот со Велика Британија и вели дека власта крие детали за прифаќањето на мигранти на кои им е одбиен азилот во Обединетото Кралство.
„Ќе бидеме во ситуација да ни донесат луѓе коишто нема да ги поминат безбедносните проценки. Да направиме дистинкција помеѓу мигранти и луѓе кои побарале азил во одредена европска држава или во Велика Британија и не го добиле азилот од други причини и треба да бидат донесени во Република Македонија. Ако биле добри, зошто не останале во Велика Британија, зошто не им дале азил? Барањето за азил им е одбиено“,
рече Тренчевска во вечерашното интервју на ТВ Сител.
Тренчевска истакна дека е апсурдно во „храмот на демократијата“ да се носи резолуција со која се осудува опозицијата или „едноставно кажано се замолчува, за да не ги кажува сите негативности на власта, се она што власта го крие“.
„На што да се спротиставиме во парламентот, на резолуција којашто не и е местото во парламентот, којашто е противуставна резолуција, којашто вели опозицијата да седи лево во на столчињата и да молчи“,
рече Тренчевска.
Во текстот на резолуцијата, рече потпретседателката на СДСМ, нема детали за содржината на договорот со Велика Британија, што според партијата потврдува дека се водат тајни преговори на штета на граѓаните.
Наместо да биде замолчена, Тренчевска најави дека СДСМ ќе ја интензивира борбата против власта преку објавување на нови докази за криминал. Таа откри дека до партијата пристигнуваат документи за семејно-партиски тендерски мрежии коруптивни скандали.
„Пред се тоа е во интерес на државата, и ова објавување на сите криминали и корупцијата ќе помогне во борбата против корупцијата“,
додаде Тренчевска.
Инаку, денеска потпретседателката Тренчевска, најави дека партијата до Уставниот суд ќе поднесе претставка за уривање на правниот поредок откако владејачкото мнозинство вчера во Собранието усвои „Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“ поднесена од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Потпретседателката на СДСМ најави дека партијата ќе се обрати и до сите релевантни меѓународни институции, а ќе побара помош и од институциите на Европската Унија и од сестринските партии во Европа.
Претходно вчера, со 65 гласа „за“ и пет гласа „против“ пратениците ја изгласаа „Резолуцијата за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“, поднесена од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, нагласи со оваа Резолуција се става крај на сите шпекулации во врска со мигрантите.
