На средбата со министерката претставниците од Занаетчиската комора ја нагласиле потребата од работа во недела на фризерите, козметичарите и одредени пекарски и слаткарски производители. Според нив, со работа во недела на одредени занаетчиски дејности ќе се овозможи да се заштитат и интересите на занаетчиите и на државата од сивата економија
Министеркатa за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска се сретна со претставници на Занаетчиската комора кои ја информираа за предизвиците со кои се соочуваат откако новото законско решение недела да биде неработен ден стапи во сила.

Тие на средбата со министерката ја нагласиле потребата од работа во недела на фризерите, козметичарите и одредени пекарски и слаткарски производители. Според нив, со работа во недела на одредени занаетчиски дејности, ќе се овозможи да се заштитат и интересите на занаетчиите и на државата од сивата економија.
На тоа Тренчевска посочила оти Министерството за труд и социјална политика ќе го разгледа предлогот на Занаетчиската комора.
„Законското решение недела да биде неработен ден се имплементира само месец и половина. Очекувам праксата да покаже какви се ефектите. Како Влада и како Министерство ќе направиме дополнителни анализи за да утврдиме дали е постигната целта 92 отсто од работниците да не работат во недела, а оние 8 отсто кои работат во техничко-технолошкиот процес кој не може да се прекине во недела да добиваат 50 проценти повисока дневница“,
рекла Тренчевска.
Законското решение недела неработен ден започна да се имплементира од почетокот на годинава. Веднаш откако законот почна да се применува, Занаетчиската комора излезе со реакција во јавноста оти одредбите од Законот за недела неработен ден се нејасни и побараа надлежните да ги разгледаат и допрецизираат измените за дополнување на Законот.
Во реакцијата, претседателот за Занаетчиската комора Агрон Фазлији нагласи оти „овој став од Законот треба да се појасни и да се прецизира затоа што ако како што вели „ако дозволува работа на креативни дејности, угостителски дејности, дејности за видео и телевизиска програма, дејности за подготовка на оброци и служење на храна, тоа се автоматски дејностите кои треба да работат во нашата фела, опфатени се со став и имаат карактер на помошни и придружни дејности за непречено извршување на основната дејност на работодавецот“.
Тој додаде дека фризерско-козметичарската дејност, кројачката дејност, дејноста за производство на бели пецива и бурекчилниците се во категоријата на помошни дејности и би можеле да работат согласно ставот од Законот „дејноста за подготовка на оброци и служење на храна“.