Секоја политика која нема да биде добра и која ќе оди на товар на буџетот на Фондот, како што рече Тренчевска, ќе го зголеми дефицитот на пензискиот систем
Работната група за измени или ново законско решение за пензиско и инвалидско осигурување за минимална пензија и социјални мерки за пензионерите со ниски пензии ќe почне со работа утре, најави вечерва во гостување на МРТВ1, министерката за труд и социјална политикa Јованка Тренчевска.
„Ќе се разгледуваат сите пристигнати предлози од здруженија на пензионери, од иницијативни одбори на пензионери кои протестираат, Партија на пензионери и други чинители,
изјави Тренчевска и посочи дека заклучоците на работната група ќе бидат доставени до Владата која ќе донесе конечна одлука.
Секоја политика која нема да биде добра и која ќе оди на товар на буџетот на Фондот, како што рече, ќе го зголеми дефицитот на пензискиот систем.
„Затоа сме насочени кон добри политики и мерки кои ќе го задржат пензискиот систем стабилен и за овие 336 000 пензионери и за идните генерации пензионери“,
истакна Тренчевска.
Министерката посочи дека ќе се креираат мерки во чиј фокус ќе бидат пензионерите со пониски пензии, како и оние кои живеат сами.
„Пензионерите да бидат спокојни, пензиите ќе продолжат да се исплаќаат редовно, секој први во месецот“,
порача министерката за труд и социјална политика.
Усогласување на пензиите согласно објавените податоци од Државниот завод за статистика во ноември 2021 година, линеарно зголемување од 3 500 денари на основицата на пензијата и минималната пензија да биде 18 000 денари, како и веднаш да се укине Сојузот на здруженија на пензионери, бараат од Иницијативниот одбор на пензионерите кои пред две недели протестираа пред Министерството за труд и социјална политика.
На протестот беше посочено дека во земјава има 336 000 пензионери и дека за секој од нив се потребни 42 000 денари на годишно ниво за линеарно покачување на пензиите.
