Во однос на генералниот штрајк на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Тренчевска нагласи дека решавањето на проблемите со платите е приоритет, а ад хок решенијата, како што укажа, не носат добри резултати ниту трајни решенија, што било посочено и на вчерашниот состанок со ССМ
Дополнително на подготовката и потпишувањето на општиот колективен договор, како што рече Тренчевска, започнуваат со процес на подготовка на закон за плати во јавниот сектор, со кој очекува дека ќе биде решен проблемот со платите во јавниот сектор
Граѓаните што имаат потреба од каква било услуга од јавниот сектор мора да ја добијат услугата оти јавните службеници – администрацијата за тоа е и платена – да испорачува услуги кон граѓаните, нагласи министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска откако денеска членовите на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) официјално стапија во генерален штрајк во јавниот сектор.
Тренчевска упати уверување дека институциите ќе ги даваат услугите кон граѓаните и ќе бидат функционални за време на штрајкот, а додаде дека во Министерството за труд и социјална политика утрово никој не пријавил дека штрајкува. Во таа насока, министерката дополни дека институциите за социјална и детска заштита функционираат нормално, а онаму каде што ќе имаат работници кои штрајкуваат ќе биде обезбедено непречно функционирање на институциите.
Тренчевска нагласи дека решавањето на проблемите со платите е приоритет, а ад хок решенијата, како што укажа, не носат добри резултати, ниту трајни решенија, што било посочено и на вчерашниот состанок со ССМ.
„Општиот колективен договор и социјалниот дијалог за општиот колективен договор треба да продолжи и ќе продолжи и таму да го најдеме системското решение, а тоа е нова методологија која ќе биде вклучена во општиот колективен договор и која што ќе значи системско решавање на проблемот со платите во јавниот сектор, односно континуирано зголемување на платите на вработените во јавниот сектор“,
рече Тренчевска.
Линеарното покачување на платите за 2 806 денари на сите вработени во јавниот сектор, според министерката, не е решение и во овие услови нема да направи ништо.
„Значи, треба да пристапиме и да продолжиме со социјалниот дијалог којшто е единствен начин да се дојде до решавање на проблемите помеѓу Синдикатот, социјалните партнери односно од една страна Синдикатот, од другата страна Владата. Владата покажува политичка волја, подготвеност да најдеме решение и повикуваме да продолжиме со социјалниот дијалог за да дојдеме до решение кое ќе го реши проблемот на вработените во јавниот сектор“,
изјави Тренчевска.
Дополнително на подготовката и потпишувањето на општиот колективен договор, како што рече Тренчевска, започнуваат со процес на подготовка на закон за плати во јавниот сектор, со кој очекува дека ќе биде решен проблемот со платите во јавниот сектор.
Претходно денеска, со 120 столчиња пред Собранието – број што го симболизира бројот на пратеници – претставници на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) симболично го означија почетокот на генералниот штрајк во јавниот сектор. Со овој потег тие упатија потсетување до пратениците да го прифатат нивниот амандман со ребалансот на Буџетот, да се обезбедат средства за линеарно зголемување на платите за 2 806 денари, како во јавниот, така и во приватниот сектор.