„Ова е неверојатен ден за целиот свет. Имаше предвидувања дека Третата светска војна ќе започне на Блискиот Исток, но тоа нема да се случи“, рече американскиот претседател по потпишувањето на мировниот договор за Газа
На самитот на светските лидери во египетското одморалиште Шарм ел Шеик денеска свечено беше потпишан мировниот договор за Газа. Потписот на документот прв го стави американскиот претседател Доналд Трамп, кој рече дека требаше да поминат 3 000 години за да се случи ова.
Според него, овој пат мирот ќе трае.

По Трамп, документот го потпишаа египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и катарскиот емир Хамад ал Тани.
„Ова е неверојатен ден за целиот свет. Имаше предвидувања дека Третата светска војна ќе започне на Блискиот Исток, но тоа нема да се случи“,
рече Трамп.
Пред потпишувањето, американскиот претседател им се заблагодари на одредени светски лидери за нивната поддршка за мировниот договор за Газа.
За Ердоган оцени дека му е пријател и дека секогаш бил тука за него кога му било најпотребно.
За египетскиот претседател Ал Сиси дека е одличен лидер бидејќи Египет има многу малку криминал.
Имаше и пофални зборови за италијанската премиерка Џорџа Мелони, која ја оцени како одлучен лидер, кој одлично си ја врши работата.
Пред да го потпише договорот, Трамп се ракуваше со палестинскиот претседател Махмуд Абас, кому американската влада му ја одби визата за да не може да присуствува на седницата на Генералното собрание на Обединетите нации.
Египетскиот претседател Ал Сиси по потпишувањето на договорот изјави дека Палестинците имаат право на самоопределување и дека се стремат кон иднина во која војната нема да биде надвисната над нив.
„Палестинците имаат право да уживаат во слободата и да живеат во својата независна држава, рамо до рамо со Израел во мир, безбедност и меѓусебно признавање“,
кажа тој.
Според него, на Трамп ќе му биде доделен Орденот на Нил.
„Тоа е највисокото државно одликување во Египет, кое им се доделува на шефови на држави или на оние што прават големи дела за човештвото“,
рече египетскиот претседател.
Трамп го заврши состанокот во Шарм ел Шеик велејќи дека ова е ден за кој луѓето работеа, се трудеа, се надеваа и се молеа.
„Историскиот договор што штотуку го потпишавме значи дека молитвите на милиони луѓе конечно се услишени и дека мирот на Блискиот Исток е постигнат“,
кажа Трамп.
На почетокот на меѓународната мировна конференција за Газа во Египет, Трамп потпиша сеопфатен документ за договорот меѓу Израел и палестинската организација Хамас.