Според Марко Бислимоски, треба да се смени односот кон државните електрани од компанија што само произведува струја кон компанија што произведува но и купува струја. Како примери ги посочува Хрватска и Србија

Колку треба да загрижува континуираното влегување во долгови и загуби на „Електрани на Северна Македонија“, кои пред само неколку недели повторно се задолжија кај комерцијални банки за 58 милиони евра? Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, вели дека начинот на кој функционира ЕСМ е карактеристичен за слични компании од регионот.
„Треба малку да го менуваме начинот со кој сметаме дека ЕСМ треба да работи. Сѐ уште кај нас е главна вест дали два блока работеле, дали три блока работеле. А што е проблемот во моменти кога цената на пазарот е пониска отколку производната цена на ЕСМ, да купи ЕСМ од пазарот електрична енергија? Тоа е вообичаено. Така работат, доколку ги анализирате, еве најблиску ни се ‘Хрватска електропривреда’ (ХЕП), и во Србија. Таму пазарното учество на ХЕП, во Хрватска, е 90-ина проценти на слободниот пазар. Но, се промени сетапот – произведува електрична, да, ама и купува, си го оптимизира своето производство и нормално е пред сите останати снабдувачи – во Хрватска се активни и ‘Гени’, има и германски снабдувачи, австриски, има и италијански…“,
вели Бислимоски.
Тој објаснува дека поради тоа што увезуваме јаглен кој се меша со постоечкиот, самите оперативни трошоци на ЕСМ се зголемуваат. Додава дека работата со понеквалитетен јаглен во технолошкиот процес го зголемува трошокот за мазут.
„И ако го анализирате ЕСМ колкава му била потрошувачката на мазут, таа е во постојан раст. Значи, ЕСМ за да се додржи, а мора да се додржи, нема друга опција, јас да сум сега генерален директор на ЕСМ, би пристапил до сите фотоволтаични електрани во Македонија коишто во 2026 г. ќе бидат изложени на сериозен ризик поради имплементација на СИБАМ (CBAM), односно јаглеродната такса, поради што тешко ќе може да се извезува од Македонија бидејќи од старт таа цена ќе биде оптоварена со 60-70 евра за мегават-час јаглеродна такса и од старт сте неконкурентни. Јас да сум генерален директор на ЕСМ, би им понудил да им ја откупувам нивната произведена електрична енергија за 55-60 евра за мегават-час. Со тоа ќе обезбедам електрична енергија по пониска цена од тие 65 евра. Трошоците за обезбедување на електрична енергија ќе ми се намалат. Во пролетни месеци, летни месеци, апсолутно ќе си го чувам хидропотенцијалот. Во одредени периоди од годината нема да ми работат термоелектраните. Ќе ми биде поевтино да купам на слободниот пазар електрична енергија по цена којашто ќе биде далеку пониска од производствената на ЕСМ што е во моментов“,
вели Бислимоски.

Според него, ЕСМ треба да има повеќе маневарски простор во однос на обезбедувањето на електричната енергија затоа што има периоди во годината, како пролетта и летните месеци, кога цената на слободниот пазар, во најголем дел од денот е за 30-40% поевтина од цената на ЕСМ.
На прашање за тврдењата на премиерот дека со домаќинско работење ЕСМ ќе успее во 2027-2028 г. да се стабилизира и да дојде на нула, Бислимоски одговара:
„Па, со овие неколку мерки коишто јас ги давам како опција, со намалување на трошоците колку што може да се намалат – реално, во ЕСМ голем трошок е и увозот на јаглен – само за пример да ви кажам, порано кога си имавме наш јаглен, бидејќи до 2018-2019 г. Регулаторната комисија за енергетика ја определуваше цената и го знам тоа добро, таа беше 8-9 евра за тон. Сега е околу 40 евра за тон. Значи, толку е голема разликата со нашиот јаглен којшто сме го имале… Не знам во каква состојба е јагленот што го имаме, велат дека имало периоди кога може да се фати добра серија, но во најголем дел тоа што го гледаме како просек, а е домашно, е со лош квалитет. Затоа велам дека треба ЕСМ малку да се насочи и кон тоа што му се нуди на слободниот пазар. Впрочем, кога се направија фотоволтаиците во Македонија, тие се финансираа од кредити. Кога ќе имаат проблеми да ги враќаат, ќе биде изложен и банкарскиот сектор. Со ова што го зборувам имаме ’вин-вин-вин’ ситуации. Ќе се стабилизира ЕСМ, ќе им дадеме одредена сигурност на фотоволтаиците, но на ниту еден начин нема да биде изложен и банкарскиот сектор. И тие се работи коишто во наредниов период треба да се направат додека не се изгради, да речеме, една гасна електрана. Дури и не мора да ја гради ЕСМ, еве и тоа да прифатиме, но да има една гарантирана цена. Има најави нели за такви инвестиции, да видиме што ќе се реализира од тоа“.
