„Претпоставувам се работи и за карактери, а инаку многу треба да внимаваме. Многу треба да внимаваме особено во однос на органите со коишто ја делиме власта“, вели Гордана Сиљановска-Давкова прашана за речникот и тонот од изјавите на премиерот Христијан Мицкоски за правосудството

Не сум психолог, ниту сум му надредена, вели претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во интервју за „360 степени“, прашана како ги доживува тонот и речникот од изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, со кои тој го напаѓа правосудството.
На дополнувањето од новинарот дека прашањето е во контекст на уставниот принцип на поделба на власта, таа додава дека треба да се внимава на зборовите кога се зборува за органите со кои се дели власта.
„Има поделба на власта, се разбира, има поделба на власта. Јас сум човек од таа фела, од фелата на правото. Цел живот учам со соговорникот да се однесувам со почит и најтешките работи да ги кажам со избрани зборови. Веројатно тоа се учи. Понекогаш во нивната страст – да, гледам еден поинаков говор. Понекогаш, претпоставувам, сите ние знаеме што се случуваше со судството, особено со Судскиот совет, бидејќи идејата за Судскиот совет беше да биде микроскопот, радарот, некој што оценува, а ние се соочивме со еден состав на Судски совет којшто наместо функцијата што му беше доделена, тотално поинаку се однесуваше и стана фактор на кризата во судството, наместо да промовира владеење на право. Претпоставувам се работи и за карактери, а инаку многу треба да внимаваме. Многу треба да внимаваме особено во однос на органите со коишто ја делиме власта“,
вели Сиљановска-Давкова.
Претседателката вели дека го проучила целиот пакет закони за реформи во правосудството.
„Сум видела, неколку закони има за платите, за финансиите и тие се водат изгледа од некои европски стандарди и критериуми. Ние сме далеку, да бидеме искрени, и во бруто-општествениот производ и во распределбата на средствата за да може токму тие критериуми да ги применуваме. Мене ме интересираат Законот за Судски совет, мене ме интересира Законот за помилување, и тој исто така бил на Венецијанска комисија. Имам и забелешки, веднаш ги соопштив бидејќи јас се консултирам. Добро е што таму има ангажирано тим на извонредни правници во овие области, некои од моите колеги. Значи, да, има пет или шест, во право сте, закони што се однесуваат на финансиите“,
вели таа.
Премиерот Христијан Мицкоски јавно изрази противење велејќи дека во новите закони од сферата на правосудството нема ништо реформско, туку дека се сведуваат на зголемување на платите на судиите и на јавните обвинители, со што тој не се согласува. Според него, дел од актуелните судии и обвинители не ги заслужуваат ни сегашните примања.
Говорејќи за Реформската агенда на брифинг со новинарите во септември годинава, Мицкоски, меѓу другото, кажа дека ќе се направи компаративна анализа со пет земји членки на ЕУ за да се види колку пари издвојуваат овие земји за оваа намена.
