Ковачевски, пак, како што соопштија од Здружението, ги поздравил напорите на новинарските организации и изразил подготвеност да се отвори јавна дебата за барањата за креирање на ваков фонд

Почнува јавната дебата за формирање фонд за поддршка на плурализмот во медиумите, најавија од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).
За таа цел денеска претставници на ЗНМ и пет глобални новинарски организации кои се во посета на земјава, одржаа средба и со премиерот Димитар Ковачевски, кому ја истакнале потребата од формирање еден ваков фонд за новинарски продукти.
„Предмет на разговор беше потребата, Владата и новинарската фела, заедно да изнајдат механизам преку кој ќе се унапреди плурализмот во медиумското известување, но и да се подобри генерално медиумската содржина каде ќе преовладува јавниот, а не партискиот интерес. За оваа цел, претставниците на новинарските и медиумските организации ја истакнаа нужноста од креирање на фонд за поддршка на плурализмот во медиумите. Важно е да постои механизам кој ќе даде шанса на сите медиуми и новинари кои имаат идеи за квалитетни медиумски содржини да имаат пристап, на транспарентен и фер начин да бидат поддржани во своите напори со цел да го задоволат јавниот интерес“,
соопштија од ЗНМ.
Ковачевски, пак, како што соопштија од Здружението, ги поздравил напорите на новинарските организации и изразил подготвеност да се отвори јавна дебата за барањата за креирање на ваков фонд.
Владата да ги означува фотографиите и видеата од својата ПР-служба

Фондот, како што наведоа, не бил единствената тема на разговор на средбата меѓу европските здруженија и премиерот. Се дискутирало и што следно да се преземе за да се зголеми заштитата на слободата на изразување и на новинарите од напади – вербални и физички.
Исто така, новинарите уште еднаш побарале јасно да бидат означени фотографиите и видеата што до медиумите ги дистрибуираат ПР-службите на Владата и останатите државни институции.
„Во врска со транспарентноста на Владата, беа пренесени дел од пречките со кои локалните медиумски работници се соочуваат и беше уште еднаш побарано на секоја фотографија, видео и текст од владата и која било јавна институција да мора да биде јасно означена дека станува збор за владина содржина. Исто така и за ова барање, од страна на претставници на кабинетот, беше укажано дека постои подготвеност да се разговара за потенцијално техничко решение“,
велат од ЗНМ.
Средбата со Ковачевски е само една во низата кои претставниците на европските и глобалните новинарски здруженија ги имаат во агендата овие три дена (од 5 до 7 јуни). Станува збор за претставници на: Европската федерација на новинари, „Фри прес анлимитед“, Меѓународниот институт за медиуми, Европскиот центар за слобода на печатот и медиумите, и „Osservatorio Balcani e Caucaso Transeuropa“.
Во нивната агенда се состаноци и со: претседателот на државата, претседателот на Собранието, министерот на Министерството за информатичко општество и администрација, директорите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и на јавниот сервис (МРТ), со амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија, Амбасадата на САД, како и со група новинари и уредници, членови на ЗНМ.
Овие состаноци се реализираат во рамки на „мисијата за проверка на факти“ која ја организира ЗНМ, а набргу ќе биде објавен и извештај со наоди и препораки.