Тој најави дека ќе се направи бајпас околу Скопје, а со тоа дизел-локомотиви и возови нема да влегуваат во градот за да се влијае врз заштитата на воздухот. Исто така, најави и дека ќе се набавуваат и нови возови, а набавката се планира да започне две години пред да се заврши брзата пруга
Јавниот транспорт во Скопје ќе се реши единствено ако се комбинираат проектите за градски воз, набавка на нови еколошки автобуси и БРТ, смета вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

„За да го решиме транспортот, треба да се направат трите работи паралелно. Едно е возобновувањето на возниот парк на ЈСП со електрични автобуси, за што веќе работиме. Второто е решавање на приградските населби со центарот, а тоа е градски воз и третото е решавање на урбаниот дел со поекономичен транспорт кој јас фигуративно го нарекував трамвај, за да им е сликовито на граѓаните, а тоа е трамвај без шини. И трите работи мора да ги споиме и да има синергија меѓу нив. Која било од трите да функционира сама ќе го имаме ова што сега го имаме“,
истакна Николоски во гостувањето на „Топ тема“ на телевизија Телма.
Во однос на проектот за градски воз, тој нагласи дека со засилена динамика се работи на првата линија од Зелениково преку Драчево до Новата железничка станица.
„Проектот е голем, презначаен за Скопје, кој ќе остави длабока трага за да биде манипулиран за изборната кампања и затоа промоцијата беше после изборите. Имаме три линии, ние почнавме да ја работиме првата линија која оди од Зелениково преку Драчево, Лисиче, Кисела Вода, Аеродром и Нова железничка станица, таа е 25 км. Втората која ќе почнеме да ја работиме напролет оди од Миладиновци, Илинден, Маџари и Нова железничка и третата од Нова железничка, Скопје Север, Ѓорче Петров и завршува во Волково односно во Радуша. И тоа е во принцип инфраструктура која Скопје ја има и којашто децении наназад е запуштена и не е користена. На пример, дрвените прагови коишто ги менуваме во моментов кај Драчево се поставени помеѓу 1963 и 1969 година. Над 60 години воопшто ништо не се работело таму“,
рече вицепремиерот Николоски.
Тој најави дека ќе се направи бајпас околу Скопје, а со тоа дизел-локомотиви и возови нема да влегуваат во градот за да се влијае врз заштитата на воздухот. Исто така, најави и дека ќе се набавуваат и нови возови, а набавката се планира да започне две години пред да се заврши брзата пруга.
