Клиниката соопшти дека пациентот по операцијата се чувствува добро и го очекува период на рехабилитација и целосно враќање на функцијата на раката

Трансплантација на подлактица со коскено ткиво од донор била извршена минатата недела на Клиниката за ортопедски болести при ТОАРИЛУЦ на 44-годишен маж, кој бил повреден со огнено оружје, соопштија од Клиниката.
„Се работи за склопетарна повреда настаната како последица на истрел од огнено оружје во март 2023 година. Притоа е оштетена една од коските на подлактицата со голем дефект од осум сантиметри. За премостување на дефектот, користена е фибула од починат донор и е фиксирана со плочки и шрафови“,
објаснува д-р Александар Трајановски, директор на Клиниката за ТОРИЛУЦ и еден од хирурзите кој заедно со д-р Александар Савески учествуваше во трансплантацијата.
Клиниката соопшти дека пациентот по операцијата се чувствува добро и го очекува период на рехабилитација и целосно враќање на функцијата на раката.
„Ова е трета трансплантација на коскено ткиво од починат донор годинава и 22. во последниве три години откако на Клиниката за ортопедија почна да се работи експлантација и трансплантација на коскени ткива од починат донор“,
се наведува во соопштението.
