Главните проблеми кои најави дека ќе ги решава се комуналната хигиена, јавниот транспорт, сообраќајниот хаос, проблемот со кучињата скитници и загадениот воздух. Тој вети дека под негово водство нема да толерира функционирање на ниту еден загадувач

Данела Арсовска е завршена приказна, вели кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски кој најави дека од денеска ги започнал теренските посети со цел подготовка на изборната програма за локалните избори заедно со граѓаните.
„Јас сум антипод на она што е Данела Арсовска. Првиот конфликт што го создаде беше со мене. Во политиката не треба да се сакаме меѓусебно, но мора да функционираме по секоја цена за доброто на граѓаните. Арсовска е завршена приказна“,
рече Ѓорѓиевски во вечерашното гостување на ТВ Сител.
Ѓорѓиевски истакна дека верува оти скопјани ќе му дадат шанса да го води градот. Главните проблеми кои најави дека ќе ги решава се комуналната хигиена, јавниот транспорт, сообраќајниот хаос, проблемот со кучињата скитници и загадениот воздух. Тој вети дека под негово водство нема да толерира функционирање на ниту еден загадувач.
„Во кампањата нема да ги повторувам проблемите кои ги живееме овие четири години, туку ќе понудам решенија кои за кратко време ќе овозможат достоинствен живот. Скопје моментално е целосно девастиран град. Тука сум да понудам решенија, ќе ги креирам заедно со граѓаните“,
рече Ѓорѓиевски додавајќи дека има целосен концепт за градот, но најдобро е тоа да се направи заедно со граѓаните.
Како дел од своите ветувања, Ѓорѓиевски најави брзо пристигнување на еко-автобуси, посочувајќи дека постапката за набавка е веќе во напредна фаза. Тој, заедно со министерот за транспорт и врски Александар Николоски и со премиерот Христијан Мицкоски, подолго време разговарале за проектот за градски воз, велејќи дека за тоа е потребна трипартитна соработка меѓу градот, Министерството за транспорт и Владата.
Во однос на јавниот превоз, трамвајот е една од идеите која се разгледува, за што разговарал и со екс-градоначалникот Трајановски.
„Иако има поделени мислења, тоа останува една од опциите“,
рече тој.
За БРТ системот, Ѓорѓиевски рече дека не го отфрла целосно, бидејќи „ќе продуцира побрзо и поефикасно движење на автобусите“, но не го споредува со иновации како градскиот воз или трамвајот.
Проблемот со кучињата скитници, нагласи тој, не се решава доволно ефикасно и ќе предложи нов, посистемски пристап, бидејќи „ова прашање го допира секој граѓанин и бара брзо и одговорно постапување“.
Кога станува збор за загадениот воздух, Ѓорѓиевски потсети дека како градоначалник на Кисела Вода поставил мерна станица во кругот на цементарницата.
„Под мое водство, Скопје нема да толерира ниту еден загадувач. Ќе има постапување, без разлика на чие било име, позиција или интерес. Нема да има милост“,
кажа Ѓорѓиевски.
Тој најави и мерки за поддршка на граѓаните преку субвенции за алтернативни горива и нови системи за греење, со фокус на гасните централи како решение.
Тој очекува поддршка од коалициските партнери ЗНАМ и ВЛЕН, како и од останатите политички партии. Иако преговорите сè уште не се целосно завршени, Ѓорѓиевски нагласи дека имаат одлична соработка со лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, и очекува заеднички настап со ВЛЕН на изборите.
„Сè уште не се завршени до крај преговорите. Но, начелно со колегата Димитриевски имаме одлична соработка и ја очекувам поддршката од него и од партијата. Логично е со ВЛЕН, како наш коалиционен партнер, да настапиме заеднички на изборите. Освен од ВЛЕН и ЗНАМ очекувам поддршка и од останатите политички чинители во Град Скопје“,
рече Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека градот ќе се развива рамномерно, свесен за итните промени што ги бараат граѓаните.
За критиките од СДСМ, Ѓорѓиевски рече дека се работи за „гола реторика и гола политика“, истакнувајќи дека неговата реализација на програмата во Кисела Вода е над 90 проценти.