„Отсекогаш сум имал многу добри односи со Владимир Путин од Русија, но нешто му се случи. Тој полуде. Секогаш сум велел дека тој ја сака цела Украина, а не само дел од неа, и можеби тоа се покажува како точно, но ако го стори тоа, тоа ќе доведе до пропаст на Русија!“, напиша американскиот претседател на својата социјална платформа Трут соушл (Truth Social)
По серијата масовни воздушни напади што Москва викендов ги изврши врз Украина, американскиот претседател Доналд Трамп упати остри критики кон својот руски колега Владимир Путин и рече дека тој целосно полудел.

Во својот, досега најжесток коментар кон Путин, објавен на социјалните мрежи, американскиот претседател предупреди и дека ако шефот на Кремљ се обиде да ја освои цела Украина тоа ќе доведе до пропаст на Русија.
„Отсекогаш сум имал многу добри односи со Владимир Путин од Русија, но нешто му се случи. Тој полуде. Секогаш сум велел дека тој ја сака цела Украина, а не само дел од неа, и можеби тоа се покажува како точно, но ако го стори тоа, тоа ќе доведе до пропаст на Русија!“,
напиша Трамп синоќа на својата социјална платформа Трут соушл (Truth Social).
Претходно вчера американскиот претседател во изјава за новинарите, рече дека е многу изненаден што неговиот руски колега го интензивирал бомбардирањето на украинските градови и покрај напорите на американскиот претседател да посредува во прекин на огнот.
Одговарајќи на новинарско прашање дали сега сериозно размислува за воведување дополнителни санкции врз Русија, американскиот претседател одговори потврдно, исто така критикувајќи го Путин.
„Апсолутно. Убива многу луѓе. Што, по ѓаволите, му се случи?“,
рече тој.
Во својата објава на социјалната платформа, Трамп, исто така, го критикуваше и украинскиот претседател Володимир Зеленски, наведувајќи дека тој не ѝ прави услуга на својата земја со начинот на кој говори.
„Сè што излегува од неговите уста предизвикува проблеми, не ми се допаѓа и подобро да престане“,
напиша Трамп.

Критиките на американскиот претседател кон својот украински колега уследија откако Зеленски претходно вчера го осуди, како што рече молкот на Америка по најголемиот руски воздушен напад на Украина од почетокот на војната, а во кој загинаа најмалку 12 лица, меѓу кои и три деца.
Имено, украинските власти потврдија дека ноќта меѓу саботата и неделата Москва лансирала 298 беспилотни летала и 69 ракети во повеќе бранови на локации низ целата земја.
„Секој таков терористички руски напад е доволна причина за нови санкции против Русија“,
рече претседателот на Украина.
За време на неговата кампања за претседател, Трамп постојано тврдеше дека доколку биде избран, ќе ја заврши војната во Украина за 24 часа, дури и пред да биде инаугуриран.
Сепак, интензитетот и фреквенцијата на нападите овој викенд беа во остра спротивност со тврдењето на Трамп дека Владимир Путин е заинтересиран за мир.
Украина и нејзините европски сојузници се обидоа да ја натераат Москва да потпише 30-дневен прекин на огнот како прв чекор кон преговори за крај на војната. Како удар врз нивните напори, Трамп оваа недела одби да воведе дополнителни санкции врз Москва затоа што не се согласи на моментална пауза во борбите, како што сакаше Киев.
„Без притисок, ништо нема да се промени и Русија и нејзините сојузници само ќе градат сили за такви убиства во западните земји. Москва ќе се бори сè додека има способност да произведува оружје“,
напиша шефот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак, на Телеграм.
Неколку часа по изјавите на Зеленски и пред коментарите на Трамп, американскиот претставник Кит Келог рече дека нападите врз Киев се „срамни“ и повика на прекин на огнот.
„Неселективното убивање жени и деца ноќе во нивните домови е јасно кршење на Женевските мировни протоколи од 1977 година, дизајнирани да ги заштитат невините… Стоп за убивањето“,
напиша Келог на својот профил на платформата Икс.
Европските сојузници на Украина продолжија гласно да ги осудуваат најновите руски напади и да се залагаат за потребата од одржување на поддршката за Киев.
„Нападите од синоќа повторно покажуваат дека Русија е решена да предизвика повеќе страдање и уништување на Украина“,
напиша високата дипломатка на ЕУ, Каја Калас, на социјалните мрежи.
Таа повика на најсилен меѓународен притисок врз Русија за да се запре оваа војна.
Чешкиот министер за надворешни работи Јан Липавски во телевизиска дебата изјави дека нападите се уште еден доказ дека Русија не е заинтересирана за мир.
Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул, кој ја посети Украина претходно овој месец вчера ги повика сојузниците на Украина да реагираат решително по последните руски напади.
„Не можеме да го прифатиме ова. Путин ги гази човековите права, ова е навреда, исто така и против американскиот претседател Доналд Трамп, кој толку многу се обидува да го доведе Путин на преговарачка маса“,
рече Вадефул во телевизиска дебата на германска телевизија, пренесе Радио Слободна Европа (РСЕ).