Изјавата на Трамп доаѓа откако „Фајненшл тајмс“ објави дека американскиот претседател неодамна го прашал Зеленски дали Украина планира да ја нападне Москва доколку САД ѝ испорачаат оружје со долг дострел

Американскиот претседател Доналд Трамп, и покрај сè поострата реторика кон Русија и најавата дека Украина ќе добие нови пратки западно оружје, изјави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски не треба да наредува напади врз Москва.
Изјавата на Трамп доаѓа откако „Фајненшл тајмс“ објави дека американскиот претседател неодамна го прашал Зеленски дали Украина планира да ја нападне Москва доколку САД ѝ испорачаат оружје со долг дострел. Иако Белата куќа не ги коментираше наводите на британскиот весник, Трамп денеска им стави до знаење на новинарите дека не поддржува таков потег.
Зборувајќи со новинарите пред да ја напушти Белата куќа, Трамп го коментираше и неговиот ултиматум до Русија, кој ѝ дава на Москва 50 дена да се согласи на прекин на огнот во Украина или ќе се соочи со високи царини.
„Ќе видиме што ќе се случи со претседателот Путин“,
рече Трамп.
Кога го прашале дали сега е на страната на Украина, Трамп одговорил:
„Не сум на ничија страна. Јас сум на страната на човештвото“.
Тој додал дека сака да го запре убивањето.
„Сакам да го запрем масакрот на илјадници луѓе неделно“,
рекол Трамп.