Трамп, кој отворено ја покажува својата наклонетост кон британското кралско семејство, на вечерашниот банкет во „Виндзор“ не го криеше своето задоволство од фактот дека не е само првиот американски лидер, туку и првиот избран функционер што двапати бил поканет во официјална посета од британски монарх
Посетата на Велика Британија е една од најголемите почести во мојот живот, рече американскиот претседател Доналд Трамп во својот говор во замокот „Виндзор“, каде што беше организиран свечен банкет по повод неговата втора официјална посета на островот.

Претходно Трамп официјално престојуваше во Велика Британија во 2019 година, за време на неговиот прв мандат во Белата куќа, а вечерва, како што пренесоа медиумите, тој го истакнал тоа што е единствениот американски претседател кој ја посетил земјата двапати.
„Навистина е една од најголемите почести во мојот живот“,
рече тој пред кралот Чарлс Трети и уште 160 гости на свеченоста, проследена со многу помпа, како што напиша „Гардијан“.
Тој во обраќањето повторно го спомена „специјалниот однос“ меѓу Велика Британија и Соединетите Американски Држави (САД), посочувајќи дека од американска гледна точка, зборот „специјален“ не е ни приближно доволен за да се опише тој однос.
Американскиот претседател рече дека двете земји ги обединуваат голем број работи, како што се историјата, јазикот и трансцендентните врски во културата, традицијата, потеклото и судбината.
Кралот Чарлс Трети во својот говор на државната вечера во чест на Трамп во „Виндзор“, исто така, ги истакна силните врски меѓу Велика Британија и Соединетите Американски Држави.
„Нашите народи се бореа и умираа заедно за вредностите што ги сметаме за драгоцени“,
рече кралот Чарлс, кој ја пофали посветеноста на Трамп во, како што кажа, барањето и наоѓањето решенија за некои од најтешките конфликти во светот, пренесе Би-би-си.
Тој изрази големо задоволство што има можност да ги пречека Трамп и првата дама на САД, Меланија Трамп, во замокот „Виндзор“ во свое име и во име на неговата сопруга.
Кралот ја опиша пригодата како „уникатна“ и „важна“ и одраз на силната врска меѓу двете земји.

Трамп, кој отворено ја покажува својата наклонетост кон кралското семејство, не го криеше своето задоволство од фактот дека не е само првиот американски лидер, туку и првиот избран функционер што двапати бил поканет во официјална посета од британски монарх.
„Ја сакам Велика Британија. Тоа е многу посебно место“,
изјави тој за новинарите по пристигнувањето во Лондон.
Британскиот премиер Кир Стармер се надева дека ќе ја искористи добрата волја на Трамп додека неговата влада се стреми да го зацврсти „специјалниот однос“ меѓу двете земји, за да ги продлабочи економските врски, да обезбеди милијарди долари инвестиции, да преговара за тарифи и да изврши притисок врз американскиот претседател за Украина и Израел, пишуваат медиумите.
„Јас сум таму за трговија, во основа. Тие сакаат да видат дали можеме да постигнеме мал трговски договор. Тие би сакале да видат дали можат да добијат малку подобар договор, па ќе разговараме со нив“,
рече Трамп додека ја напушташе Белата куќа пред заминувањето за Велика Британија вчера.
Пред посетата, британската влада објави дека американските технолошки компании ќе инвестираат повеќе од 40 милијарди долари во Велика Британија.

Инаку, истражувањата на јавното мислење покажуваат дека Трамп е длабоко непопуларен во Велика Британија, а речиси идентично на анкетите поминува и британскиот премиер Кир Стармер.
Меѓу една од непријатните теми кои влијаат на ваквото расположение на јавноста е онаа поврзана со покојниот сексуален престапник Џефри Епстајн.
Стармер минатата недела го отпушти својот амбасадор во Вашингтон, Питер Манделсон, поради неговите врски со Епстајн, што би можело да покрене прашања и за Стармер и за Трамп, чија врска со покојниот финансиер е исто така под истрага.
„Дали тој го заслужува тоа? Веројатно не. Дали моравме да го направиме тоа? Веројатно моравме. Тоа е мека дипломатија. Се обидуваме да го извлечеме најдоброто од лошата ситуација. Мислам дека е скандалозно некој што се однесува како него, кој нема почит кон владеењето на правото, да му даде државна посета на ваков начин и да го награди на тој начин“,
вели жителка на Лондон.
Посетата на Трамп на Велика Британија е пратена со исклучителни безбедносни мерки. Поради безбедносни ризици, тој нема да одржува јавни состаноци или појавувања.
Неколку илјади луѓе денеска протестираа во центарот на Лондон против политиките на американскиот претседател.
„Мигрантите се добредојдени, Трамп не е добредојден“, „Не на расизмот, не на Трамп“ и „Бомбардирате деца во Газа, а се гоштавате во Велика Британија“, пишуваше на дел од транспарентите што ги носеа демонстрантите.
Протестниот собир, организиран од групата „Стоп Трамп“, според лондонската полиција бил обезбедуван од повеќе од 1 600 полицајци.

Демонстрантите успеаја да проектираат фотографии од Трамп и Епстајн на ѕидот на една од кулите на замокот „Виндзор“, поради што беа уапсени четири лица.
Утре настаните предвидени во агендата на посетата на Трамп на Велика Британија ќе се преместат во резиденцијата на Стармер, Чекерс, каде што фокус на разговорите, според најавите, ќе биде геополитиката.