Американскиот претседател додаде дека неодамнешниот напад врз Иран, чија цел беше нуклеарната програма на Техеран, одиграл важна улога во ставањето крај на конфликтот во Газа
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека заложниците што ги држи Хамас во Газа треба да бидат ослободени в понеделник или вторник и дека се надева оти лично ќе присуствува на церемонијата во Египет за потпишување на договорот што го постигнаа Израел и палестинската милитантна група за првата фаза од планот за ставање крај на војната во Појасот.

Трамп ова го кажа отворајќи го состанокот во кабинетот во Белата куќа на кој се разговара за договорот постигнат вчера, а според кој заложниците што ги држат милитантите на Хамас треба да бидат ослободени како дел од првата фаза од поширокиот план за мир во Газа.
Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) рече оти верува дека договорот ќе доведе до траен мир во Појасот, пренесе „Гардијан“.
Трамп го најави она што го нарече „крај на војната во Газа“, тврдејќи дека енклавата ќе биде обновена.
Тој додаде дека неодамнешниот напад врз Иран, чија цел беше нуклеарната програма на Техеран, одиграл важна улога во ставањето крај на конфликтот во Газа.
Од кабинетот на египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси денеска соопштија дека шефот на државата разговарал телефонски со својот американски колега и го поканил да присуствува на церемонијата во Египет по повод одбележувањето на договорот за прекин на огнот во Газа.
Египетскиот претседател, се додава во соопштението, во разговорот нагласил дека е потребно да се продолжи со спроведувањето на сите фази од договорот за прекин на огнот во Газа и го повика Трамп да го поддржи и надгледува неговото спроведување.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека наредните часови ќе бидат одлучувачки за зацврстување на мирот во Газа и дека тековната конференција за ова прашање што се одржа во Париз има за цел да работи паралелно со иницијативата на САД.
Имено, Франција е домаќин на состанок на министрите за надворешни работи од западните и арапските земји во Париз, а на кој се разговара за испраќање меѓународни мировни сили и помош за реконструкција на Газа откако ќе престанат борбите.
Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Каја Калас, пред конференцијата во Париз изјави дека Унијата е подготвена да разговара за тоа како може да придонесе кон мировниот план за Газа.
„Ова е најдобрата шанса што ја имаме“,
рече Калас.
Денеска стотици луѓе се собраа на Плоштадот на заложниците во Тел Авив за да го прослават договорот за ослободување на заложниците.
Жолтите налепници со бројот на денови што заложниците ги минаа во заробеништво насобраните на плоштадот ги заменија со налепници на кои пишуваше: „Се враќаат“.
Израелци од целата земја дојдоа да ја прослават веста дека Израел и Хамас постигнаа договор за ослободување на 20 преостанати живи заложници држени во Газа во рок од 72 часа, а останките на 28 да бидат репатрирани што е можно поскоро.
За возврат, според договорот, речиси 2 000 палестински затвореници ќе бидат ослободени од израелските затвори, а израелските трупи ќе се повлечат од 47 проценти од Појасот Газа на договорена линија.
Портпаролот на Хамас, Хазем Касем, во изјава за Ал Џезира Арабик изјави дека групата бара од меѓународните посредници да гарантираат дека Израел ќе ги спроведе одредбите од договорот, истовремено обвинувајќи го Тел Авив дека манипулира со делови од договорот.
„Денес напладне се разговараше со пријателите за прекин на огнот, но окупаторот, од внатрешни причини, го одложува објавувањето за други датуми“,
рече Касем.