Американскиот претседател, Доналд Трамп, забрани влез во САД за граѓаните на 26 држави од Европа, како дел од мерките за ставање под контрола на ширењето на коронавирусот. Северна Македонија не е опфатена со забраната на Трамп.
Мерката ќе биде на сила 30 дена и се однесува на луѓето, а не и на производите што се извезуваат од Европа во САД.
„САД имаат драматично помалку случаи на заразени од вирусот отколку Европа. ЕУ не забрани патувања од Кина и од други жаришта. Како резултат на тоа, голем број нови случаи во САД беа ‘насадени“ од луѓе што дојдоа од Европа“,
ја образложи Трамп својата одлука.
26. држави опфатени со забраната на Трамп се земјите кои се дел од Шенген-зоната: Австрија, Белгија, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Исланд, Италија, Летонија, Лихтенштајн, Литванија, Луксембург, Малта, Холандија, Норвешка, Полска, Португалија, Словачка, Словенија, Шпанија, Шведска и Швајцарија.
Велика Британија не е дел од забраната на Доналд Трамп.
Од државите од непосредното соседство на Македонија, мерката се однесува само на Грција. Бугарија, Романија и Хрватска, иако се дел од Европската Унија, не се дел од Шенген-зоната.