Американскиот претседател Доналд Трамп им се заблагодари на советникот за национална безбедност и на специјалниот посредник во преговорите меѓу Србија и Косово за вчерашната одлука за воспоставување директна авионска линија меѓу Белград и Приштина. Тој за ова повторно го искористи Твитер каде што е исклучително активен како ниту еден друг светски лидер и објави дека ова е уште една победа.
„Сите велеа дека е невозможно. Но, првпат по многу генерации ќе има директна авионска линија меѓу Србија и Косово. Ова е уште една победа. Благодарност до амбасадорите Роберт О‘Брајен и Ричард Гренел“, напиша Трамп на Твитер.
Косовскиот претседател Хашим Тачи исто така преку Твитер, пренесувајќи ја објавата на Трамп, му се заблагодари на американскиот претседател за неговото лидерство и улогата во потпишувањето на писмото за намери за отворање на авиолинијата нарекувајќи ја „незаменлива“.
Вчера на церемонија во Амбасадата на САД во Берлин беше потпишано писмо со намери од авиокомпанијата „Луфтханза“ за отворање авионска линија меѓу главните градови на Косово и Србија, кои беа прекинати пред 21 година, односно по завршувањето на војната во бившата српска покраина.