Првата фаза од неговиот мировен план се однесуваше на клучните барања на двете страни – прекин на огнот во Газа и враќање на заложниците во Израел. Втората фаза предвидува обнова на појасот Газа на начин што би гарантирал траен мир и безбедност
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека голем товар е тргнат од Блискиот Исток, но оти работата сè уште не е завршена.

„Телата на мртвите сè уште не се вратени, како што беше ветено. Втората фаза почнува токму сега!“,
напиша тој на платформата Трут соушал.
Трамп ја објави изјавата помалку од 24 часа по враќањето од Блискиот Исток, каде што прво говореше во израелскиот Кнесет, а потоа копретседаваше со мировниот самит за Газа во Египет, на кој учествуваа околу 20 светски лидери.
Првата фаза од неговиот мировен план се однесуваше на клучните барања на двете страни – прекин на огнот во Газа и враќање на заложниците во Израел. Втората фаза предвидува обнова на појасот Газа на начин што би гарантирал траен мир и безбедност.
Трамп додаде дека фазите на планот се донекаде испреплетени, но оти одделни елементи може да се спроведуваат и надвор од редоследот, доколку тоа носи позитивен ефект.
Израел одлучи утре да не го отвора граничниот премин Рафах меѓу Појасот Газа и Египет, што е пропишано со договорот за прекин на огнот во Газа, бидејќи палестинската милитантна група Хамас не ја исполни својата обврска да ги врати телата на сите мртви заложници што сè уште ги држи во Појасот Газа, објавува „Тајмс оф Израел“.
Хамас вчера ги ослободи преостанатите 20 живи заложници, кои беа киднапирани во напад врз јужен Израел во октомври 2023 година, и ги предаде телата на четворица мртви заложници, додека 24 тела сè уште се во Појасот Газа.
Израелската војска потврди дека ги примила посмртните останки на четворица заложници и дека ќе спроведе форензички тестови за да го потврди нивниот идентитет.
Хамас соопшти дека станува збор за телата на Гај Илуз, Јоси Шараби, Бипин Јоши и Даниел Перец.