Од 1 февруари САД ќе воведат царини од 10 проценти за Данска, Норвешка, Шведска, Франција, Германија, Велика Британија, Холандија и Финска
Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека Соединетите Американси Држави ќе воведат царини од 10 проценти за осум европски земји кои се спротивставуваат на неговата намера за преземање на контролата врз Гренланд. Во објава на социјалната мрежа Truth Social, тој соопшти дека мерката стапува на сила од 1 февруари.
Царините ќе се зголемат на 25 проценти од 1 јуни и ќе продолжат да важат се додека не се постигне договор за Гренланд.

Според најавите на Трамп, царините се воведуваат за Данска, Норвешка, Шведска, Франција, Германија, Велика Британија, Холандија и Финска.
„Данска, Норвешка, Шведска, Франција, Германија, Обединетото Кралство, Холандија и Финска отпатувале во Гренланд, од причини кои се непознати. Ова е многу опасна ситуација за безбедноста, сигурноста и опстанокот на нашата планета. Овие држави, кои ја играат оваа многу опасна игра, воведоа ниво на ризик кое не е издржливо ниту одржливо. Затоа, императив е, со цел да се заштитат глобалниот мир и безбедност, да се преземат силни мерки за оваа потенцијално опасна ситуација да заврши брзо и без никакво двоумење“
напиша Трамп.
Во објавата, Трамп го повтори ставот дека Гренланд е од витално значење за националната безбедност и дека само САД можат да го одбранат од намерите за преземање од страна на Русија и Кина.
