Писмата од Трамп се испратени до српскиот претседател Александар Вучиќ и претседавачката на тричленото Претседателство на Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ, во кои ги повикува лидерите на овие земји, како што пишува, да учествуваат во извонредната економија на САД, која несомнено е прва во светот
Соединетите Американски Држави (САД) од 1 август ќе воведат нови царински стапки на увоз од најмалку 14 држави, а меѓу нив се две држави од Западен Балкан – Србија и Босна и Херцеговина.
Американскиот претседател Доналд Трамп на својата социјална мрежа Трут соушал објави копии од официјални писма испратени со лидерите на земјите на кои се однесува воведувањето на новите царински стапки, како дел од обновената политика на реципрочни тарифи.

Така, тој објави воведување царини од 30 отсто на увозот од Босна и Херцеговина и 35 отсто на увозот од Србија.
Писмата од Трамп се испратени до српскиот претседател Александар Вучиќ и претседавачката на тричленото Претседателство на Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ, во кои ги повикува лидерите на овие земји, како што пишува, да учествуваат во извонредната економија на САД, која несомнено е прва во светот.
Во документот се посочува и дека американската администрација утврдила оти е неопходно да се стави крај на долгорочните и упорни трговски дефицити предизвикани од царински, нецарински, политички и трговски бариери со кои се соочуваат земји како Босна и Херцеговина и Србија.
Во писмата стои и предупредување дека секој обид за пренасочување на стоките преку трети земји, преку т.н. транзитна испорака, со цел да се избегнат царините ќе резултира со примена на повисока царинска стапка.
Новите стапки се пониски од претходно одложените реципрочни царини што Трамп ги објави на почетокот на април, кога изнесуваа 37 отсто за Србија и 35 отсто за Босна и Херцеговина.
Трамп во писмото бара од Вучиќ да разбере дека царината од 35 отсто е далеку помала од она што е потребно за да се елиминира разликата во трговскиот дефицит меѓу двете земји.
„Како што знаете, нема да има царини ако Србија или компаниите во вашата земја одлучат да градат или произведуваат производи во Соединетите Американски Држави и, всушност, ние ќе направиме сè што е можно за да добиеме одобренија брзо, професионално и рутински – со други зборови, во рок од неколку недели“,
пишува Трамп.
Трамп вчера објави нови царински стапки за повеќе земји, како 25 отсто за Јапонија, Јужна Кореја, Малезија и Казахстан, 30 отсто за Јужна Африка, 32 отсто за Индонезија, 35 отсто за Бангладеш, 36 отсто за Камбоџа и Тајланд и 40 отсто за Лаос и Мјанмар.