Од „Харвард“ велат дека ова е уште еден нелегален чекор на одмазда што ги крши правата на универзитетот од Првиот амандман, како и дека ќе продолжат да ги штитат своите меѓународни студенти и да се борат против притисоците од Белата куќа
Американскиот претседател Доналд Трамп издаде наредба со која се суспендира влезот на странски студенти и посетители на размена што планираат да студираат или престојуваат на Универзитетот „Харвард“, освен ако неговата администрацијата не утврди дека нивниот влез би бил од национален интерес, пренесува Си-би-ес њуз.

Одлуката на Трамп доаѓа по повеќемесечниот конфликт меѓу Белата куќа и еден од најпрестижните американски универзитети.
Претходно, универзитетот одби да ги исполни барањата на администрацијата во врска со откривањето податоци за странските студенти, што резултираше со прекин на федералното финансирање.
Наредбата важи шест месеци, со можност за продолжување. Според текстот на наредбата, „Харвард“ е обвинет дека веќе не е доверлив администратор на меѓународната студентска програма и е обвинет за непријавување на дисциплински случаи до федералната влада и несоработување со истражувачи од Кина.
На американскиот државен секретар Марко Рубио му е наредено да разгледа одземање на визите за странските студенти што веќе се во Соединетите Американски Држави (САД).
Од „Харвард“ велат дека ова е уште еден нелегален чекор на одмазда што ги крши правата на универзитетот од Првиот амандман, како и дека ќе продолжат да ги штитат своите меѓународни студенти и да се борат против притисоците од Белата куќа.
Во моментов, речиси 7 000 странски студенти сочинуваат 27 проценти од студентското тело на „Харвард“.
Стејт департментот минатата недела им наложи на амбасадите и конзулатите да воведат дополнителен преглед на сите што сакаат да престојуваат на „Харвард“, вклучувајќи студенти, професори и туристи.
Администрацијата, исто така, го критикуваше раководството на Харвард за начинот на кој универзитетот ги третираше пропалестинските протести и наводното зголемување на антисемитизмот.
Администрацијата на Доналд Трамп во последните месеци го засили притисокот врз американските универзитети, обвинувајќи ги дека не преземаат доволно активности против антисемитизмот.
Интервјуата за нови студентски визи беа прекинати минатата недела со цел да се изврши подетална проверка на активностите на социјалните медиуми на апликантите за виза.
Студентите што веќе се во САД, пак, се соочуваат со ризик од одземање на нивниот статус.