Претходно во изјава за порталот „Аксиос“, Трамп изјави дека војната ќе заврши наскоро бидејќи, според него, практично, нема ништо што може да се таргетира во Иран
Војната со Иран се покажа полесна отколку што мислевме, изјави денеска американскиот претседател Доналд Трамп говорејќи пред новинарите за време на посета на компанија за биолошки и клинички истражувања во сојузната држава Охајо, пренесоа светските медиуми.

Тој ги повтори коментарите што ги даде претходно оваа недела дека американските воени операции во Иран се екскурзија што трае неколку недели.
Во тој контекст, Трамп беше прашан дали американско-израелскиот конфликт со Иран е мала екскурзија или војна, на што тој одговори:
„И двете. Тоа е екскурзија што ќе нè држи подалеку од војна, за нив тоа е војна, за нас се покажа полесно отколку што мислевме“,
Американскиот претседател претходно изјави дека не е загрижен за евентуални напади поддржани од Иран на американската територија.
„Не, не сум“, беше неговиот одговор на прашањето што му беше поставено од новинарите пред Белата куќа, дали е загрижен дека Иран може да ги зголеми своите одмазднички дејствија, што би вклучувале и напади на територијата на Соединетите Американски Држави (САД).
Инаку, Еј-би-си њуз објави дека Федералното истражно биро (ФБИ) ги предупредило полициските оддели во Калифорнија дека Иран може да се одмазди за американските напади со лансирање беспилотни летала на западниот брег.
„Неодамна добивме информации дека од почетокот на февруари 2026 година Иран наводно се стремел да изврши изненадувачки напад со употреба на беспилотни летала од неидентификуван брод покрај брегот на Соединетите Држави, поточно против неодредени цели во Калифорнија, во случај САД да извршат напади врз Иран“,
било наведено во предупредувањето од ФБИ кое според Еј-би-си њуз било дистрибуирано кон крајот на февруари, пред почетокот на воената операција на САД и на Израел врз Иран.
Од канцеларијата на ФБИ во Лос Анџелес и од Белата куќа засега не одговориле на барањата за коментар на телевизијата во врска со наводното предупредување.
Трамп, за време на една од неколкуте денешните средби со новинарите, беше прашан и дали смета дека нафтените компании треба да го користат Ормускиот Теснец, критичниот воден пат за испорака на нафта и течен природен гас кој е блокиран по американско-израелската операција врз Иран.
Одговарајќи на прашањето, американскиот претседател само рече:
„Мислам дека треба“
Инаку, медиумите денеска објавија дека Иран наводно распоредил мини во теснецот, а тамошните власти соопштиле дека сите бродови што им припаѓаат на Соединетите Држави, Израел или нивните сојузници што минуваат низ теснецот би можеле да бидат цел.
Во разговор со новинарите пред Белата куќа, Трамп изјави дека САД успеале да му нанесат толку силен удар на Иран, со каков претходно не се соочила ниту една земја во историјата, додавајќи дека сè уште не завршиле со работата.
„Тие ја загубија својата морнарица. Ги загубија своите воздухопловни сили. Воопшто немаат противвоздушен апарат. Немаат радар. Нивните лидери ги нема. А ние би можеле да направиме да биде уште полошо“,
рече американскиот претседател.
Претходно во изјава за порталот „Аксиос“, Трамп изјави дека војната ќе заврши наскоро бидејќи, според него, практично, нема ништо што може да се таргетира во Иран.
