Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, додаде дека американскиот претседател е заинтересиран за постигнување дипломатско решение со Иран, но оти негов главен приоритет е да се осигура дека Иран не може да поседува нуклеарно оружје
Белата куќа денеска соопшти дека американскиот претседател Доналд Трамп ќе донесе одлука за тоа дали САД ќе се вклучат во израелско-иранскиот конфликт во следните две недели.

За време на редовниот брифинг со новинарите, портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, ја прочита пораката од Трамп која гласи:
„Врз основа на фактот дека постои значителна шанса за преговори што може или не може да се одржат со Иран во блиска иднина, ќе донесам одлука дали да одам или не во следните две недели“.
Ливит додаде дека американскиот претседател е заинтересиран за постигнување дипломатско решение со Иран, но оти негов главен приоритет е да се осигура дека Иран не може да поседува нуклеарно оружје.
„Претседателот секогаш е заинтересиран за дипломатско решение, тој е главен миротворец. Затоа, ако има шанса за дипломатија, тој секогаш ќе ја зграби. Но, ќе додадам и дека не се плаши да употреби и сила“,
додаде портпаролката на Белата куќа.
Одби да каже дали Трамп ќе побара одобрение од Конгресот за какви било напади врз Иран.
Трамп вчера на брифинг со новинарите пред Белата куќа одби да одговори директно на прашањата дали САД планираат да се приклучат на израелската офанзива и да го нападнат Иран или нуклеарните постројки на земјата.