Меѓу помилуваните се осудени за руската вмешаност во изборите и други афери на нему блиски луѓе
Американскиот претседател Доналд Трамп помилува 15 лица, меѓу кои и двајца републиканци, кои беа под истрага за руското мешање во изборите во 2016 година и поранешни владини претставници вклучени во скандалот со приватната безбедносна компанија „Блеквотер“ во Ирак.
Ваквиот потег во последните недели од неговото претседателствување покажува дека тој до последен ден ќе ја користи својата извршна моќ да ги награди луѓето кои му се лојални, како и некои други за кои верува дека биле злоупотребени од правниот систем кој смета дека е неправеден кон него и кон неговите сојузници.
Трамп најави помилување, што не е невообичаено за претседател во заминување, иако тој сè уште одбива јавно да ја признае победата на демократот Џо Бајден, кој ќе положи заклетва на 20 јануари.
Еден од помилуваните е Џорџ Пападопулос, поранешен дипломатски советник на Трамп за време на кампањата во 2016 година, кој призна дека го излажал ФБИ за контакти со посредник кој ветил дека ќе го поврзе со руски официјални лица.
Помилуван е и холандскиот адвокат Алекс ван дер Зван, кој исто така беше осуден во истрагата за руската вмешаност во изборите на кои победи Трамп.
Меѓу помилуваните вчера се и поранешните републикански членови на Конгресот, Данкан Хантер од Калифорнија и Крис Колинс од Њујорк, кои беа меѓу првите кои ја поддржаа претседателската кампања на Трамп во 2016 година.
Трамп, исто така, ги преиначи казните за пет лица, вклучувајќи го и членот на Претставничкиот дом, Стив Стокман од Тексас.
Колинс, првиот член на Конгресот што го поддржа Трамп како претседател, беше осуден на две години и два месеци затвор откако призна дека му помогнал на неговиот син и на други да не изгубат 800 000 долари на берзата кога слушнал дека пропаднало судењето на мала фармацевтска компанија.
Хантер беше осуден на 11 месеци затвор откако призна дека украл средства од претседателската кампања и ги потрошил за лични потреби, како патувања и прослава на роденден на неговата ќерка.
Меѓу помилуваните се и четворица поранешни владини работници осудени за масакрот во Багдад во 2007 година, кога беа убиени 14 ирачки цивили, што предизвика меѓународна осуда за користење на приватната компанија за безбедност „Блеквотер“ во воената зона.
Тие беа прогласени за виновни за учество во вооружениот инцидент на 16 септември 2007 година во Багдад, што предизвика меѓународен скандал и ја потенцира злоупотребата на приватни компании од страна на американската војска. Чуварите на „Блеквотер“ рекоа дека дејствувале во рамките на легитимна одбрана.
Белата куќа вчера соопшти дека сите четворица помилувани се поранешни војници кои ѝ служеле на земјата многу години.
Демократите ги критикуваа помилувањата, истакнувајќи дека Трамп ја става лојалноста кон него над сè друго, над владеењето на правото, над демократијата и над правдата.
Се очекува Трамп да помилува и други пред да ја напушти функцијата.