„Многу луѓе велеа дека Господ ми го поштеди живото со причина, а таа причина беше да ја направиме Америка повторно голема. Задачата нема да биде лесна, но ќе го искористам секој дел од мојата сила за да го постигнам тоа. Ова е најважната работа во светот“, рече Трамп од сцената на неговиот имот во Мар-а-Лаго
Вечерва се случи историја. Надминавме препреки за кои сите велеа дека е невозможно да се поминат. Видете што се случи, зарем ова не е лудо. Но, ова е политичка победа која земјата досега не ја видела, рече Доналд Трамп во своето обраќање пред поддржувачите откако првичните проекции на резултатите од изборите покажуваат дека тој ќе биде 47. претседател на Соединетите Американски Држави (САД).
Видно, задоволен и исполнет, тој на сцената на својот имот во Мар-а-Лаго, во Флорида се појави со своето семејство и неговиот изборен тим. Порача дека во Америка доаѓа нова златна ера, во која земјата повторно ќе биде голема, алудирајќи на мотото на неговото движење „Да ја направиме Америка повторно голема“ (Make Amarica Great Again – MAGA).
Уште на почетокот тој кажа дека ова е најголемото политичко движење во земјата на сите времиња, кое сега достигнува ново ниво на важност што ќе ѝ помогне на земјата за заздрави.
„На земјата ѝ треба помош, ќе ги поправиме границите, ќе поправиме сè. Ќе се борам за секој граѓанин, за вашите семејства со секој здив во моето тело додека не видиме безбедна и просперитетна Америка која ја заслужувате. Ова ќе биде златна ера на Америка. Ова е извонредна победа за американските граѓани која ќе ни овозможи да ја направиме Америка повторно голема“,
рече Трамп пред насобраните поддржувачи кои извикуваа „Ју-ес-еј“ (САД).
Тој се осврна и на резултатите од т.н. променливи или колебливи држави, кои според проекциите му го трасираа патот за втор мандат во Белата куќа.
„Ја сакам Северна Каролина, Џорџија, Пенсилванија, Висконсин. Победуваме и во Аризона, Мичиген, Невада…“,
рече Трамп.
Луѓето што стојат зад мене завршија одлична работа, рече тој заблагодарувајќи му се на својот изборен тим, а ја потенцира и победата со која републиканците повторно ќе го имаат мнозинството во Сенатот на американскиот Конгрес.
Ѝ се заблагодари и на својата сопруга Меланија Трамп и на неговите деца.
„Никој не очекуваше, ви благодарам за тоа. Имаме одлични сенатори, имаме некои нови сенатори и се надевам дека ќе ја задржиме контролата во Сенатот. Сакам да ѝ се заблагодарам на мојата прекрасна сопруга Меланија, првата дама, која ја има најпродаваната книга во земјата, дали ви се верува. Работи многу напорно за да им помогне на луѓето. Му благодарам на моето семејство, на моите деца, тие се извонредни деца. Ви благодарам на сите“,
рече тој.
Повикувајќи го на сцената, Трамп му честита и на неговиот кандидат за потпретседател, Џеј-Ди Венс, кој, како што кажа, прифаќал да оди во непријателските кампуси, односно медиуми блиски до демократите, што другите се колебале да го направат.
„Ви благодарам за довербата и мислам дека го направивме најголемото враќање во историјата на САД и под водство на Трамп нема да престанеме да се бориме за вас и за иднината на вашите семејства. Ќе го направиме најголемото враќање на економијата во САД под водство на Доналд Трамп“,
рече Венс.
За сите негови поддржувачи кажа дека се одлучни, притоа особено посочувајќи го технолошкиот магнат Илон Маск за кого рече дека е новата ѕвезда.
„Имаме нова ѕвезда. Родена е нова ѕвезда Илон. Тој е извонреден тип. Вистински супергениј. Мора да ги чуваме нашите супергении“,
рече Трамп.
Во однос на политиката што ќе ја води, тој кажа дека ќе направи многу за американските семејства, особено осврнувајќи се на политиката кон имигрантите.
„Ова е најдобрата земја во светот и ќе ја направиме уште подобра, ќе ги запечатиме границите. Сакаме да доаѓаат луѓе во земјата, но мора да доаѓаат легално“,
рече Трамп.
Навраќајќи се на кампањата, рече дека таа била историска на многу начини бидејќи направиле коалиција која досега не била видена во американската историја.
Се осврна и на обидот за атентат велејќи дека Господ му го поштедил животот за да направи добра иднина за американскиот народ.
„Многу луѓе велеа дека Господ ми го поштеди животот со причина, а таа причина беше да ја направиме Америка повторно голема. Задачата нема да биде лесна, но ќе го искористам секој дел од мојата сила за да го постигнам тоа. Ова е најважната работа во светот. Првиот мандат беше одличен, имавме мото ‘Дадени ветувања, исполнети ветувања’. Ќе ги исполнам ветувањата. Сакам секој граѓанин да ми се придружи, време е да ги оставиме поделбите од изминатите четири години. Да се обединиме. Го видов тоа во првиот мандат кога луѓето почнаа да се обединуваат, ќе почнеме со ставање на Америка на прво место, за да ја поправиме. Ова е голема чест, нема да ве изневерам, Америка ќе биде поголема, помоќна, посмела. Господ да ве благослови. Ви благодарам многу“,
рече Трамп на крајот од победничкото обраќање.