Прославата доаѓа во време кога во САД има протести и немири во Лос Анџелес, каде што претседателот Трамп испрати членови на Националната гарда и маринци за да ја смират ситуацијата откако демонстранти им се спротивставија на агентите на Имиграциската и царинска служба (ICE) да вршат рации за пронаоѓање нелегални имигранти

Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека сите што ќе протестираат за време на воената парада, што ќе се одржи во Вашингтон в сабота по повод 250-годишнината од основањето на американската армија, „ќе се соочат со голема сила“.
„Оние што сакаат да протестираат, ќе бидат пресретнати со голема сила. Не сум слушнал дека ќе има протести, но знаете, има луѓе што ја мразат нашата земја, но ќе се соочат со голема сила“,
рече тој пред новинарите во Овалната канцеларија во Белата куќа, пренесува „Гардијан“.
Безбедносните власти во САД очекуваат стотици илјади луѓе да присуствуваат на парадата, а специјалниот агент од Тајната служба, Мет Меккул, кој е задолжен за настанот, рече дека ќе бидат поставени полицајци и специјалци од целата земја.
Според ФБИ и полицијата на Вашингтон, нема веродостојни закани дека нешто ќе се случи за време на настанот.
Воената парада се одржува по повод денот на основањето на Армијата на САД, која се смета за една од најстарите институции на земјата, формирана на 14 јуни 1775. Големиот јубилеј се поклопува со 79-тиот роденден на американскиот претседател, па затоа настанот се нарекуваше и негова роденденска парада, иако војската се огради од тоа.
Прославата доаѓа во време кога во САД има протести и немири во Лос Анџелес, каде што претседателот Трамп испрати членови на Националната гарда и маринци за да ја смират ситуацијата откако демонстранти им се спротивставија на агентите на Имиграциската и царинска служба (ICE) да вршат рации за пронаоѓање нелегални имигранти. Операциите на имиграциските власти, како и распоредувањето на американските воени сили на домашна територија, предизвикаа судир меѓу Трамп и гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусом.
Јавниот обвинител на Калифорнија, Роб Бонта, денеска побара судот да издаде забрана за секретарот за одбрана Пит Хегсет да распореди воени сили во Лос Анџелес, како придружба на федералните имиграциски агенти.
„Претседателот само бара повод за да распореди воени сили на американските улици, за да ги заплашува и замолчува тие што не се согласуваат со него. Тоа не само што е неморално, туку е и нелегално“,
рече Бонта.
Гувернерот Њусом, пак, додаде дека федералната влада на САД ја пушта армијата против американските граѓани.
„Испраќањето обучени војници на улиците е без преседан, и е закана за самата срж на нашата демократија, Доналд Трамп се однесува како тиранин, а не како претседател. Бараме судот веднаш да ги блокира овие незаконски акти“,
рече Њусом.
Калифорниските власти сметаат дека распоредувањето на 4 000 припадници на Националната гарда во Лос Анџелес ја загрозува сувереноста на сојузната држава. Минатата вечер неколку стотини војници од гардата пристигнаа во градот.
Прашан кога ќе ја повлече гардата од Вашингтон, Трамп рече „кога веќе ќе нема опасност, ќе си заминат“.