Тој одговараше и на прашања поврзани со цената на нафтата и гасот кои изминатите денови растат. Трамп призна дека тоа ќе биде така додека САД остануваат вклучени во тековниот конфликт на Блискиот Исток, но тврдеше дека цените ќе паднат откако ќе заврши војната
Американскиот претседател Доналд Трамп негира дека Израел ги вовлекол САД во војна со Иран.
Тој на прес-конференција во Белата куќа, на која беше и германскиот канцелар Фридрих Мерц, рече дека не сакал да се случи Иран прв да нападне.
„Водевме преговори со овие лудаци и мое мислење беше дека (Иранците) први ќе нападнат. Мислам дека тие први ќе нападнат, а јас не сакав да се случи тоа. Значи, ако ништо друго, можеби го принудив Израел да се вмеша“,
рече Трамп.

На прашањето дали го гледа Реза Пахлави, протераниот син на последниот ирански шах, како можна опција да го води Иран во иднина, Трамп рече дека Пахлави изгледа како фин човек, но дека иако некои луѓе го сакаат, тој верува дека најдоброто можно сценарио би било некој што е веќе таму да ја преземе власта.
На новинарско прашање кое е најлошото сценарио, Трамп рече дека тоа би било ако дојде некој што е исто толку лош како претходната личност.
Трамп додаде дека имале на ум некои луѓе кои би можеле да ја водат земјата, но дека сега се мртви.
„Наскоро нема да има никој познат“,
рече тој.
Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека друга група ирански лидери денеска биле цел на напад и тврдеше дека ефектот се чини дека е мошне значаен.
„Денес имаше уште еден удар врз новото раководство и се чини дека бил мошне значаен. Тие се погодени многу силно“,
нагласи тој.
Трамп не прецизира кои членови на иранското раководство биле цел на нападот или колку луѓе загинале во нападот.
Трамп рече дека САД и Израел го удираат Иран таму каде што е многу посоодветно.
„Ги удираме многу силно. Тие повеќе немаат заштита од воздух. Повеќе немаат никакви капацитети за детекција. И затоа ќе бидат многу повредени. Ова се лоши луѓе“,
рече Трамп.
Претседателот наведе дека во нападите на САД во последните денови иранската морнарица, ПВО и воздушната одбрана се нокаутирани.
„Тие немаат морнарица, таа е уништена, немаат воздухопловни сили, тие се уништени, немаат систем за детекција, тоа е уништено. Речиси сè е уништено. Ние работиме многу добро, имаме одлична војска и тие вршат фантастична работа“,
рече Трамп на заедничката прес-конференција со германскиот канцелар Фридрих Мерц во Овалната соба.
Запрашан за неговите европски сојузници, Трамп рече дека е задоволен од некои, но не од сите и дека Обединетото Кралство е меѓу земјите од кои не е задоволен.
Трамп го критикуваше британскиот премиер Кир Стармер велејќи „тој не е Винстон Черчил“.
Тој одговараше и на прашања поврзани со цената на нафтата и гасот кои изминатите денови растат.
Трамп призна дека тоа ќе биде така додека САД остануваат вклучени во тековниот конфликт на Блискиот Исток, но тврдеше дека цените ќе паднат откако ќе заврши војната.
„Ќе имаме малку повисоки цени на нафтата некое време, но штом ова ќе заврши тие цени, верувам, ќе бидат уште пониски од порано“,
рече Трамп.
