Американскиот претседател додаде дека не е постигнат никаков напредок во разговорите и најави дека по разговорот со рускиот претседател, денеска ќе оствари разговор и со претседателот на Украина, Володимир Зеленски
Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека е разочаран од телефонскиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин бидејќи, како што рече, се чини дека тој не сака да ја запре војната во Украина.

„Многу сум разочаран од разговорот што го имав со претседателот Путин… Многу сум разочаран. Не мислам дека сака да престане со војната, а тоа е лошо“,
рече претседателот на САД по вчерашниот разговор со Путин.
Додаде дека не е постигнат никаков напредок во разговорите.
Во изјава за новинарите, Трамп дополнително најави дека по разговорот со рускиот претседател, денеска ќе оствари разговор и со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
Претходно вчера, Зеленски изјави дека се надева оти денеска ќе разговара со Трамп во врска со паузата на САД за испорака на некои видови оружје за Украина.
Во текот на вчерашниот телефонски разговор Трамп–Путин, како што пренесе Кремљ, рускиот претседател му рекол на претседателот на САД оти Mосква е подготвена да ги продолжи преговорите со Украина, но дека нема да се откаже од своите првични цели.