Тој вели дека трговските мерки ќе бидат воведени во рок од еден месец доколку нема договор за прекин на огнот

Американскиот претседател Доналд Трамп вели дека е „многу вознемирен“ и „гневен“ на неговиот руски колега Владимир Путин поради украинското прашање и се закани дека ќе воведе нови царини за руската нафта.
„Ако Русија и јас не успееме да постигнеме договор за прекин на крвопролевањето во Украина и ако мислам дека е виновна Русија, што можеби не е, но ако мислам дека е виновна Русија, ќе воведам секундарни царини за целата нафта што излегува од Русија“,
вели Трамп во интервју за американската телевизиска мрежа Ен-би-си.
Тој вели дека трговските мерки ќе бидат воведени во рок од еден месец доколку нема договор за прекин на огнот.
„Ќе има царина од 25 проценти за целата нафта, тарифа од 25 до 50 процентни поени за целата нафта. Тоа би значело дека ако купувате нафта од Русија, не можете да работите во САД“,
рече тој.
Трамп му забележува на рускиот претседател за неговото барање Украина да се стави под администрација на Обединетите нации за да се овозможи одржување нови избори во земјата.
Трамп за тие забелешки вели дека обидот на Путин да го доведе во прашање кредибилитетот на Зеленски среде преговорите не оди во вистинската насока, и затоа бил многу лут.
Трамп додава дека Путин знае оти е лут на него, но нагласи дека има „многу добри односи со него“ и дека „лутината брзо ќе стивне ако ја направи вистинската работа“.
Трамп додаде дека планира да разговара со Путин во наредните денови.
Рускиот претседател Владимир Путин, пред три дена, рече дека треба да се смета како опција ставањето на Украина, која тој ја нападна во 2022 година, под администрација на Обединетите нации за да се овозможи одржување нови избори во земјата.
Како што пренесе ДПА, целта е да се одржат демократски избори на кои на власт ќе дојде „влада способна да дејствува за мировен договор“.
Изјавата на Трамп доаѓа по она што беше објавено од САД на 25 март дека постигнале посебни договори со Украина и Русија за да се обезбеди безбедна пловидба во Црното Море и да се спроведе забрана за напади врз енергетски објекти во двете земји.
Кога станува збор за Украина, од Белата куќа наведоа дека САД ќе ги поддржат напорите насочени кон размена на затвореници, ослободување на цивили и враќање на присилно раселените украински деца.
Во однос на Русија, која во моментов е под бројни санкции, од Белата куќа велат дека Москва може да смета на поддршката од САД кога станува збор за рускиот пристап до глобалниот пазар за извоз на земјоделски и вештачки ѓубрива, намалување на трошоците за поморско осигурување и подобрување на пристапот до пристаништата и платните системи за овие трансакции.